Човекот што ги измисли инстант нудлите

На 25 август 1958 година, јапонскиот пронаоѓач и бизнисмен со тајванско потекло Момофуку Андо (1910-2007) го претставил првиот производ од нов вид храна - инстант нудли наречени „Чикен рамен“. Со цел да помогне во решавањето на недостигот од храна во Јапонија по Втората светска војна, Андо создал храна која може да се подготви брзо, да се чува долго и да биде достапна за широката популација. 

Иако денес раменот и неговите нудли се сметаат за симбол на јапонската кујна, неговите корени водат до Кина. По отворањето на Јапонија кон светот од средината на 19 век година, започнала културна и трговска размена, а со неа пристигнале и кинеските мигранти кои ги донеле своите гастрономски вештини. Нудлите направени од пченица наскоро нашле свое место на јапонските трпези. Во 1926 година, кинески готвач по име Ванг Вен-чаи, во ресторан во Сапоро, Хокаидо, направил прв обид за да создаде рамен кој ќе им се допадне и на јапонските и на кинеските студенти кои студирале тука - основа за она што денес се смета за класичен ресторантски рамен.

По војната, Јапонија се соочила со сериозен недостиг од храна, а црниот пазар процветал со продавачи кои нуделе рамен. Момофуку Андо забележал долги редици пред овие импровизирани тезги и се запрашал како би можело ова јадење да биде достапно и дома, без потреба од готвење или чекање. Одговорот го пронашол, сосема случајно, додека ја гледал својата сопруга како приготвува темпура - јадење што се состои од парчиња зеленчук или морски плодови кои се натопуваат во лесна смеса од брашно и вода, па се пржат во длабоко масло до златна и крцкава кора. Забележал дека врелото масло ја извлекува влагата од тестото, процес кој може да се примени и за нудлите, за тие да дехидрираат и да се зачуваат подолго време.

По една година експериментирање во својот двор, Андо го усовршил процесот на длабоко пржење за сушење на нудлите и така ги создал првите инстант нудли. Кога конечно се појавиле на полиците, тие се продавале како луксузен производ, биле шест пати поскапи од свежите нудли и првично биле дочекани со скепса. Но со текот на времето, цената паднала, популарноста пораснала, и во 1971 година Андо го претставил и првиот производ во чаша – „Кап нудлс“, кој стана глобален феномен.

Оттогаш, инстант раменот се има развиено во безброј вкусови, кои можат да се најдат и во нашите продавници. Но оригиналниот вкус од 1958 - од кокошка - сè уште се произведува и е достапен во продавниците, потсетник на едноставниот, но генијален одговор на една криза.

3 јуни 2025 - 16:54