Бели Колман сè уште се сеќава на тој ден, во 1983, кога бил повикан од издавачот Вајденфелд и Николсон, и му било кажано: „Имаме проблем. Можеш да дојдеш утре?“
Кога пристигнал, Колман се соочил со цела „делегација“, која му кажала дека на Мик Џегер веќе му биле исплатени 1 милион британски фунти за автобиографија, но дека до тој момент ниту тој, ниту уредникот којшто му бил доделен, не успеале да напишат кохерентен текст. Ова не е ни чудо, бидејќи тој првичен, инаку почитуван англиски „гоустрајтер“, за да навлезе во приказната, постојано одел на забави со Мик, се запознавал со славни личности како на пример со Мајкл Џексон, па излегло дека наместо да навлезе малку, навлегол премногу и заборавал да пишува.
Компанијата знаела дека Колман е брз на пишување, бидејќи претходно за само 10 недели имал напишано биографија за шампионот во мотоциклизам, Кени Робертс. Но овој пат наместо десет му дале само - две недели.
Иако работата тргнала, за жал Џегер се откажал од целиот проект, и во еден момент ги вратил парите. Сега 77-годишниот Мик, во април, кога го промовираше синглот со Дејв Грол на тема пандемија, изјавил дека иако тогаш бил малку помлад и малку полуд, сфатил дека од брзањето нема ништо да излезе, и дека не може за толку кратко време да ги преживее сите емоции, да се сети на сите пријателства и на сите подеми и падови. Сепак, до денес помеѓу издавачите оваа негова необјавена и недопишана автобиографија останува мрачен предмет на желбата.
Материјалите покриваат клучни периоди во животот на Џегер - детството во Дартфорд, Кент, средбата со Ричардс на платформата број 2 на локалната станица, апсењето во 1967, смртта на гитаристот Брајан Џонс во базен и ужасот на фестивалот Алтамонт во 1969, каде 18-годишна девојка беше прободена од обезбедувањето пред самата сцена. Сепак, фалел човечкиот аспект, отвореноста на Мик по однос на сите овие прашања - во интервјуата тој како да не се отварал целосно.
Колман успеал да ги пополни овие „дупки“ и цела ноќ печател една единствена копија од ракописот на стар принтер со големина на куфер. Морал да стави крпи под вратата бидејќи хотелското обезедување постојано се жалело на вревата. И иако во меѓувреме и се спријателиле со Мик, со кого имале долги телефонски разговори за сè и сешто, кога дошло до објавувањето тој се повлекол.
Пред неколку години само три страници од книгата излегоа на аукција, но Колман вели дека не ги препознава и не може да тврди дали се навистина од оригиналот. Потоа, во 2017 издавачот Џон Блејк изјавил дека го поседува целиот ракопис од 75000 зборови, кој според него е „рокенрол еквивалент на древни папируси“. Сепак, до денес неговата содржина останува непозната.