Се вика Лери „Рацо“ Сломан. Долгогодишен новинар, меѓу другото и за Ролинг Стоун, тој е најпознат како „гоустрајтер“ - ко-автор на автобиографиите на Хауард Стерн, Тајсон, на Ентони Кидис од Ред хот чили пеперс и на Питер Крис од Кис. Преполн со анегдоти за овие и куп други ѕвезди со кои се дружел, тој знае да раскажува за тоа како пиел со Леонард Коен (плус четири-пет жени и десет шишиња вино); како го зезал Дилан дека воопшто не личи на њујоршки, туку на Евреин од средниот запад; како го натерал Мајк Тајсон да ја прочита Еcce Homo на Ниче, и како го добил прекарот „Рацо“ заради својата палава природа од Џоан Баез.
Но сега, на 68-годишна возраст, тој го има и првиот албум во животот. „Тврдоглаво срце“ звучи како комбинација на Коен и Дилан, но на него има и дует сo Ник Кејв, песната „Нашата дама на светлината“. Додуша тој и претходно пишувал стихови за песни, кои му ги покажал на Дилан додека за Ролинг Стоун патувал со него на турнејата Ролинг Тандер, и овој ептен ги бендисал. Oд ова патување и дружење произлегле не само новински текстови, туку и книга на Сломан под наслов „На пат со Боб Дилан“. Автор е и на книга за Хари Худини, во која се обидува да докаже теорија дека магионичарот бил убиен од спиритуалисти. Иницирал дури и ексхумација на телото за да се види дали бил отруен, но ова никогаш не се случило.
Еве ја песната чие официјално објавување ќе се случи на 5 април. Фина, мирна и спокојна. Таман како за двајца шеесетгодишници.