Букбокс репортажа од Солун: Дали - дигитално патување низ умот на генијот

На 29 март во Солун се отвори изложба посветена на Салвадор Дали, преглед на неговото творештво од нова перспектива - со користење на дигитални алатки и вештачка интелигенција. Фактот дека таа ако веќе не е кај нас е блиску до нас, е повод да ја посетите до 29 јуни. 

Во магацини на солунското пристаниште пренаменети за уметнички павиљони, веднаш спроти Музејот на фотографијата, е лоцирана халата во која на 29 март се отвори изложбата под наслов „Дали: кибернетика“. 

„Изложба“ можеби и не е вистинскиот термин за поставката, бидејќи на два ката, со помош на класични паноа, но и виртуелна реалност и проекции во 3Д, се втопуваме во навидум лудиот, но и длабоко истражен свет на Салвадор Дали, надреалистот, мистикот и заљубеникот во наука. Всушност, секој втор збор во презентациите се „атом“, „квантна физика“, „генетика“. Биографските паноа ја откриваат таа инаку ретко спомнувана страст на Дали за разбирање на божественото и бесмртноста токму низ научните принципи. 

Дознавме дека во 1930-тите, кога се занимавал со тн. „параноично-критичкиот метод“ - намерно поттикнување сопствена параноидна состојба за да се искористат ирационалните асоцијации - му ги претставил вака создадените дела на Фројд, при посета на Лондон во 1938. 

Во 1950-тите ја проучувал квантната физика преку делата на Планк, Шредингер и Хајзенберг. Идеите развиени како резултат на ова ги објавил во „Манифестот на анти-материјата“ (1958).

Лично се познавал со Вотсон и Крик кои ја откриле структурата на ДНК, со нив често дискутирал за овие прашања, а побарал да биде погребан во туника со извезен двоен хеликс.  

„Иако не сум начуник, морам да признаам дека научните феномени се единствените кои постојано ми ја поттикнуваат фантазијата. Тоа е илустрирано преку поетските интуиции на древните филозофи, што води до неверојатната убавина на одредени математички структури. Сето ова го потврдува ставот на Платон - дека Господ секогаш се занимава со геометрија“.

И покрај тоа што изложбата не е голема, таа содржи доволно аспекти за да го илустрира овој негов став, како и пророчкото предвидување (од 1920-тите!), дека ќе дојде време кога машините ќе создаваат уметност. На приземјето се одвива континуирана презентација која комбинира аудио, видео и анимација. Дел од неа се следи со 3Д наочари, кои прават сите тие тигри, часовници, бизарни фигури и пејзажи да оживеат на начин на кој до сега ги немаме искусено, а вклучува и дела во стилот на Дали создадени со ВИ.



На првиот кат е неговиот „бродот од соништата“, каде со опрема за 360 виртуелна реалност пловиме разгледувајќи ги бреговите на чудните земји крај кои тој поминува. Организирано е и катче за цртање, како и проекција на документарен филм за секојдневниот живот на уметникот во Њујорк од 1965. На крај може да се сликата и на огромните, „силиконски“ жар црвени усни - еден од препознатливите симболи на Дали, барем на парфеми и украси за на маса кои го содржат неговиот потпис.

Кога излеговме, малку ни се вртеше од сите тие стробо-ефекти, подвижни слики и илузии. Но најголемата придобивка, особено за помладата публика која веројатно не би имала трпение да стои половина час пред оригинална но неподвижна слика на Дали (па точно и да може да се донесе на солунското пристаниште), е што на овој начин ќе разберат дека тој не бил само луд чичко со мустаќи, дека течните часовници не се само откачен дизајн на маица или сложувалка, туку дека неговото творештво е прекрасен пример на спој на научното со поетското. 

Изложбата е отворена до 29 јуни. 

Официјалниот сајт тука

Илина, Букбокс

2 мај 2024 - 10:29