
Пред само неколку денови пишувавме за наводно нова боја, за која група научници тврдат дека ја откриле со тоа што си пуштале ласери во ретината на сопствените очи.
Сега британскиот уметник Стујарт Семпл вели дека само врз основа на нивната статија објавена во Science Advances успеал да ја направи спомнатата боја. Истата ја продава за дури 10.000 британски фунти (повеќе од 11.000 евра) за шишенце од само 150 милилитри, или за 29.99 фунти (35 евра) доколку купувачот покаже дека е уметник.
Да се потсетиме: на Универзитетот Калифорнија во Беркли беше изведен експеримент во кој со ласер беа стимулирани поединечни клетки во ретините на петмина истражувачи, што ја зголемило нивната моќ за перцепција на бои вон природните ограничувања. Така успеале да ја видат неописливата смарагдно-тиркизна која ја нарекоа „оло“, но во медиумите беше опишана како бојата од „Волшебникот од Оз“.
Семпл, кој претходно има произведено бои за кои тврди дека се најцрната и најрозевата во светот, ја синтетизирал својата верзија на спомнатата боја со користење сосема малку технологија. Тој помешал пигменти, додавајќи флуоресцентни оптички осветлувачи кои ја апсорбираат ултравиолетовата светлина и потоа ја ре-емитираат како видлива сина светлина, со што материјалите изгледаат побели или посветли. Со користење на спектрометар, кој ги разложува боите од коишто таа се состои, тој потоа го анализирал нивниот интензитет, за неговата нијанса да биде најблиска до оваа „новата“. Својата нијанса ја нарекол „јоло“.
„Секогаш мислев дека боите треба да им се достапни на сите“, вели уметникот, кој исто така произведува своја верзија на славната ултрамарин сина на Ив Клајн. „Со години се борам да ги ослободам овие бои кои се или во сопственост на корпорации, на научници кои имаат ставено рака на нив или на поединци кои ги имаат лиценцирано“.
Семпл стана популарен кога уметникот Аниш Капур ги купи ексклузивните права за најцрната црна (вантацрна) боја на светот. Тогаш Семпл од инает креираше нешто за што тврдеше дека е ултра-розова и ја направи достапна на сите ОСВЕН на Капур, инаку добитник на престижната Тарнерова награда (за ова види претходно тука).