
По постоење на Земјата од неколку стотина илјадници години, луѓето можеби мислат дека имаат видено сè, во сите бои. Тим научници сега го тврди спротивното.
Храбрата и во моментов додуша критикувана објава следи по експеримент во кој истражувачи од САД „пукале“ ласери во сопствените очи (да и такви ги има). Со стимулирање на клетки во ретината, ласерот ја поттурнал нивната перцепција вон природните ограничувања.
Е сега доаѓа моментот со описот на бојата која никој од нас (наводно) не ја видел. Петорицата од тимот ја нарекуваат „сино-зелена“, но тоа според нив сепак не го доловува целосно богатството на искуството.
„Однапред предвидовме дека ќе изгледа како колор сигнал без преседан во досегашното перцепирање на боите, но не знаевме што ќе направи мозокот со неа“, вели Рен Нг, електро-инженер на Универзитетот Калифорнија, Беркли. „Од ова ни падна вилицата. Нијансата е неверојатно интензивна“. За барем приближна идеја за каква боја станува збор истражувачите ја нудат горната илустрација.
Луѓето ги перцепираат боите околу нив кога светлината паѓа на клетките кои се чувствителни на боја во ретината. Има три типа на вакви клетки кои реагираат на долги (Л), средни (М) и кратки (С) бранови на светлина. Природната светлина е мешавина од повеќе бранови должини кои ги стимулираат, до одреден степен, сите вакви клетки. Варијациите се перцепираат како различни бои.
Тимот од Беркли се фокусирал на клетките кои се стимулирани од средни бранови, стимулирајќи ги со ласер. Резултатите се објавени во списанието Cognitive Neuroscience под наслов „Нова боја добиена преку стимулација на поединечни фоторецептори“.
Сепак, има и критичари на „новото откритие“ кои велат дека воопшто не станува збор за до сега неоткриена боја, туку дека тоа е посатурирана зелена која се добива кај субјект (се мисли човек) со нормални црвено-зелени хроматски механизми, кога единствениот внес доаѓа од клетките за средни бранови должини. Бојата го има добиено името „Оз визија“, според Смарагдниот град од „Волшебникот од Оз“.