
Продукциската компанија на Бред Пит, План Б, е во разговори да развие уште една сезона на „Адолесценција“, откако британското шоу стана хит на Нетфликс.
Ко-претседателите на компанијата зборуваат со режисерот Филип Барантини за „следна итерација“ на шоуто, чија популарност поттикна разговори за влијанието на токсичната машкост на интернет врз младите момчиња.
Да се потсетиме, серијата во четири епизоди, секоја снимена во еден кадар, ја раскажува приказната на тинејџерот Џејми, кој е обвинет за убиство со нож на соученичката Кејти, откако бил вовлечен во онлајн „маносфера“-та (за Букбокс гледанка на темата види тука).
Новата сезона треба да ја прошири сликата но „да остане посветена на својата ДНК, а не да биде репетитивна“. Надежите се дека Стивен Греам, кој го игра таткото но е и ко-креатор на серијата, би се вратил за втора сезона.
До овој момент серијата ја имаат гледано 114,5 милиони гледачи. Истовремено, оваа недела таа стана четврта најгледана на англиски јазик на сите времиња на оваа платформа. Очигледно темите како онлајн екстремизам и насилство оддекнуваат во различни земји. Нетфликс ја стави на располагање за сите средни училишта во Британија.