Би читале ли книги среде журка?

Ноќен клуб, диџеј и електронска музика – а наместо танцување, луѓе седат или лежат на подот и читаат книги. Новиот формат на бук рејв ги претвора клубовите во привремени читални и нуди необичен начин да се биде меѓу луѓе без потреба постојано да се разговара.

На 26 септември, токискиот клуб Спред во населбата Шимокитазава за еден ден ја замени вообичаената клупска атмосфера со нешто многу потивко: Џуси бук рејв. Наместо гласна музика, танцување и ноќен живот, просторот бил исполнет со теписи, книги и луѓе кои едноставно читаат, слушаат музика и престојуваат заедно во иста просторија (видео тука).

Идејата е едноставна. Посетителите можат да удобно да се сместат кадешто ќе им текне (дури и да легнат) и да читаат. Во позадина свири амбиентална и електронска музика, која постепено станува погласна во текот на попладнето. Кој сака, продолжува да чита, кој сака може и да стане и да џуска. Има и размена на книги, а организаторите предлагаат наслови за оние што сакаат повеќе луѓе да читаат иста книга.

Идејата не е ограничена на Токио. Во Бруклин, на пример, проектот Ридинг ритмс организира читање со жива музика и разговори, а од неговото започнување во 2023 година се проширил во повеќе од 20 градови. Во Мелбурн, пак, постои Бук дуф – дневна „рејв-забава“ за читатели со винил-диџеи и размена на книги.

Зошто воопшто би сакал некој да чита во ноќен клуб? Можеби затоа што читањето денес сè помалку значи бегање од луѓето, а сè повеќе значи пронаоѓање поинаков начин да се биде со нив. Во светот на непрекинатите дигитални дразби или надгласувањето среде гласна музика за да се направи каков-таков муабет, седењето во тишина покрај непознати луѓе може да биде изненадувачки социјално искуство.

Во тој контекст, преместувањето на книгата во клубот има речиси бунтовнички карактер. Ноќните клубови традиционално бараат од луѓето да се движат, зборуваат, пијат, танцуваат и да бидат забележани. Бук рејв го прави спротивното: истиот простор станува место за забавување, концентрација и потопување во приказна – но без напуштање на заедничкиот простор.

30 септември 2026 - 09:13