Aвторка на книга за покер која паузира од пишување затоа што ѝ тргнала карта

Американската новинарка и писателка Марија Коникова почнала да пишува прирачник за самопомош во кој вештините за играње покер се користат за донесување подобри одлуки во секојдневниот живот. Отпрвин играла колку да влезе во „филм“ и да биде упатена во правилата. Ама многу брзо работата станала сериозна. 

Од моментот кога пред само една година почнала да прави истражување за својата книга под наслов „Најголемиот блеф“, во која нуди совети за справување со животни проблеми врз основа на карташки тактики, Марија Коникова има заработено повеќе од 200 илјади долари.

„Секако не сум првиот писател кој игра покер“, изјавила Коникова. „Но колку што знам, јас сум првата која за толку кратко време успеала од тотално непознавање на правилата, на пример како колку карти содржи шпилот, до стигне до победа во голем натпревар“.

Титулата која успеала да ја добие е онаа на ПокерСтарс Карибиан Адвенчр, во која победила 230 други играчи, вклучително и некои големи имиња во професионалниот покер, и ја освоила наградата - 84.600 долари, плус влез во други шампионати. Сето ова ја натерало да го одложи излегувањето на книгата, која инаку ја пишувала во соработка со покер легенди како Ерик Сидел, Џејсон Кун и Ајсак Хакстон. Нејзини претходни книги се на теми од популарната психологија, како „Мастермајнд: како да мислиш како Шерлок Холмс“ и „Играта на самодоверба: зошто секогаш паѓаме на истата финта“. 

Да знаела дека е толку талентирана ќе почнела многу порано со играње покер, вели сега таа. Сепак, таа не планира да го напушти пишувањето. Впрочем, така направила и нејзина претходничка, Викторија Корен Мичел, колумнистка за Опсервер, која почнала како релативно непознат играч за во 2006 да стане суперѕвезда, прва жена која победила во Европскиот покер турнир.

4 мај 2018 - 09:46