Немате што да правите додека чекате автобус или стоите во долг ред во банка? Испринтајте си кратка приказна, времето бргу ќе ви помине.
Во Гренобл во Франција немале вакви дилеми, па поставиле неколку машини од кои веќе можат да се печатат приказни, на нешто што личи на хартија за фискални. Носител на проектот е издавачката куќа Short Editions (да, француски издавач, со англиско име) чии амбиции се ваквите „дистрибутери на кратки приказни" да ги рашират низ цела Франција. Печатењето е бесплатно, а корисниците можат да бираат меѓу приказни кои се читаат за една, три или пет минути.
„Идејата ни дојде кога стоевме пред автомат за чоколади и пијалоци", изјавил претставникот на издавачот. „Си рековме дека можеме да го направиме истото со квалитетна популарна литература, за да ги пополниме малите непродуктивни моменти".
Креатори на содржината се меѓу другото и 140,000 претплатници на апликацијата на Short Edition, чии кратки приказни ги генерираат автоматите.