„Авонмор" е 14тиот соло албум на Фери, по дебито со The Foolish Things од 1973, и претставува враќање кон неговиот препознатлив звук, по неодамнешното експериментирање со џез верзии на неговите најголеми хитови во стилот на 1920-тите на претходниот албум The Jazz Age od 2012. Глам-рок, софисти-поп, њу вејв, како сакате речете го, ама убаво е.
Во интервју за NPR 69-годишниот Фери зборува за начинот на кој компонира со касетофонче, за неговата љубов кон тажни песни, и за тоа како решил да стане музичар откако стопирал до Лондон за да го слуша Отис Рединг. Еве дел од него:
Како компонира
Пијаното е прекрасен инструмент. Не дека го свирам многу добро, но доволно за на него да пишувам песни. Имам еден стар убав Стенвеј, го имам некаде од 1972-3. Ги сакам звуците кои ги прави. И користам еден вид касетофон, на него снимам па ако нешто ме бендиса му го пуштам подоцна во студиото на продуцентот за да слушнам што мисли. Фантастично е што сè може да се случи до крајот, сите тие различни фази, делови од процесот кои се случуваат од почетната мелодија на пијаното до завршениот албум. Собирате луѓе кои понекогаш свират многу емоционална музика. Брилијантно е.
За изборот на „Донесете го кловнот" од Стивен Сондхајм за кавер
Сакам тажна музика. Еден од каверите на албумот е овој, од бродвејски мјузикл и тоа е добро, затоа што голем број значајни песни дошле токму од мјузикли. Кол Портер пишувал за нив. Тоа е важна традиција. Освен тоа, претходно не сум испеал ништо од Сондехајм.
Неговите музички инспирации
Стопирав од Њукасл до Лондон за да го гледам Отис Рединг со куп други прекрасни музичари. Тоа ми беше како пат до Дамаск. Сè уште студирав. Сè уште сонував. Тогаш одлучив дека стварно сакам да го правам тоа, да се занимавам со музика, парчињата од мозаикот ми се склопија.
Албумот го отвара фанки нумерата „Луп Де Ли", следи „Полноќен воз" на која свират девет одделни гитаристи, веќе спомнатата психоделична „Испратете го кловнот", па романтичната „Војник на судбината" со Џони Мар од The Smiths на гитара, диско химната „Ме полудува" каде на Фери му се придружуваат и Мар и Нил Роџерс. Ја издвоивме првата, а останатите можете да ги слушнете тука.