Ерата на социјалните мрежи ни откри многу вистини за човештвото, a од нив повеќето не се баш за машала. Сепак, понекогаш интернет-дискусиите навистина ни помагаат подобро да се разбереме меѓусебно. Така, во последниве години многумина беа изненадени кога дознаа дека изразот „да замислиш нешто“ не е само фигуративен. Значи, кога некој „замислува јаболко“, тој не само што мисли на јаболко, туку навистина го „гледа“ во својот ум. Неможноста да се направи тоа има име - афантазија, од грчкиот збор „фантазија“ (слика) и префиксот „а“ (без). За интервјуа со наши, реални луѓе со афантазија слушни ја епизодата на оваа тема од подкастот „Обични луѓе“.
По истиот модел неодамна е создаден и терминот анендoфазија, составен од корените „ендо“ (внатрешно) и „фазија“ (говор). Како што може да се претпостави од префиксот „ан“, тој означува отсуство на внатрешен монолог. За многумина ова звучи чудно: едни не можат да замислат да размислуваат со зборови, а други не можат да замислат да размислуваат на кој било друг начин.
Ова се само дел од начините на кои се разликува нашето внатрешно доживување. Околу 40 проценти од луѓето слушаат, па дури и водат разговори со „внатрешни гласови“, околу 50 проценти повеќе (но не и исклучиво) размислуваат преку ментални слики, а околу 20 проценти велат дека размислуваат претежно преку чувства. Луѓето што припаѓаат на една од овие групи тешко можат да замислат како изгледа животот за оние од другите.
Ова произлегува од фактот дека субјективното искуство на една личност е недостапно за друга - проблем што ги збунува филозофите уште од нивните почетоци. Но и научниците го истражуваат ова прашање, а нивните студии покажуваат дека способноста за внатрешен монолог или ментални слики може значително да влијае врз секојдневието. Визуелните типови полесно паметат, додека оние што размислуваат со зборови обично имаат предност при планирање, решавање проблеми и „вежбање“ мисловни сценарија, но се и посклони кон повторувачки мисли. Во пракса, повеќето луѓе ги користат и двата начини на размислување во различни размери, зависно од ситуацијата, па така ги уживаат и нивните предности, но треба да внимаваат и на нивните слабости.
Види претходно: Луѓе со необични внатрешни гласови