Амазон, најголемиот онлајн продавач на книги отвара продавница на која не се клика на линкови, туку книгата од рафт се позема со рака, па се превртува како жежок костен неколку пати низ рацете, за по некое време истиот ритуал да се повтори со друга. Ова е прва физичка книжарница на Амазон по 20-годишно постоење.
Таа официјално ќе биде отворена утре (4.11) во универзитетското „село" во Сиетл, што е и матична локација на компанијата. Во неа ќе има околу 6.000 книги, одбрани врз основа на осврти на корисниците (минимум четири ѕвездички) и податоци за нивна продажба на сајтот, а и цените ќе бидат истите. Коментарите од освртите за секоја книга се прикажани до полиците.
Компанијата полека се насочуваше кон физичка продажба преку „локери" (орманчиња) и киосци за подигнување на нарачките. Но отварањето на оваа продавница се случи само еден месец откако британскиот синџир Вотерсторс изјави дека ќе престане да го продава Киндл во своите 280 продавници затоа што „тој речиси и да не се продава". На местото на Киндл сега овој синџир продава асли книги во тврд и мек повез.
Толку од стравот дека книгите на хартија ќе исчезнат.