Амазон и други онлајн продавници ги повлекуваат производите од своите сајтови на кои се испишани зборовите stand back (повлечи се) и stand by (биди подготвен), во комбинација со ознаките на Прауд бојс, радикално десничкарска американската група.
Маиците и другите производи беа пуштени во продажба откако во вторникот претседателот Трамп во текот на дебатата со Бајден, ги изговори одговарајќи на прашање на водителот, кој бараше Трамп отворено да се изјасни дали ги поддржува ваквите групи или не.
Еве што вели Трамп дословно:
„Прауд бојс. Повлечи се и биди така. Но ќе ви кажам нешто, ќе ви кажам нешто, некој мора нешто да направи во врска со Антифа и левицата, затоа што ова не е десничарски проблем“.
Во текот на вчерашниот ден излегоа милион толкувања на овие неколку реченици, особено на втората. Со оглед на тоа што таа може да звучи како искажана во императив, излегува дека Трамп им испаѓа кодирана порака на „дечките“ во моментов да се воздржат од тоа да прават проблеми, но да бидат подготвени ако е тоа потребно. За што тоа да биде потребно, тоа е помалку јасно, можеби за евентуален пораз на Трамп на изборите.
Второ толкување е дека Трамп често има обичај да повторува нешта, но со оглед на тоа што има проблем со разбирањето на сите идиоми во англискиот јазик, можно е малку да се мислел околу тоа што точно значи „стенд бек“ па го дополнил со „стенд бај“. Уште во 2016 Вашингтон пост објави текст со хумористичен наслов „Забележавме дека Трамп по два пати ги кажува работите. По два пати ги кажува работите.“
Ако внимателно го погледнете видеото, можно е тој да реферира на термин содржан во самото прашање - Валас му вели „ќе побарате ли белите супрематисти да се повлечат?“ (stаnd down), што може прави збрка кај и онака не баш елоквентниот Трамп, кој почнува да ги реди сите фрази со „стенд“ кои ги знае.
Kaко и да е, телевизискиот канал на самата група Прауд бојс веднаш ја протолкува реакцијата на Трамп во своја полза, ги ставија горенаведените изрази на своето лого и постираа видео од дебатата со телоп „Бог. Семејство. Братство“. Истовремено Амазон беше преплавен од производи со овој натпис, кои набргу беа блокирани.
„Сите продавачи мора да ги следат нашите насоки, а профилот на оние кои тоа нема да го почитуваат може да биде отстранет“, изјавил гласноговорник на компанијата. Во минатото таа има блокирано профили на оние кои продаваат предмети со нацистички или супрематистички симболи, а политиката на блокирање на Амазон се однесува на „производи кои поттикнуваат или воздигнуваат омраза, насилство, расна, сексуална или религиска нетолеранција, или промовираат организации со вакви ставови“.