„Енергијата ви е блокирана. Мора да ги отвориме енергетските канали“, вели исцелителката која прима муштерии во задна просторија на продавница во Кито, Еквадор. Нејзиното име е Ема Лагла, и таа една од „лимпиадорес“-ите (чистачите), кои со векови користат билки кои ги сметаат за свети за да третираат физички, но и психолошки пореметувања, меѓу другото чувството на „лоша среќа“ или „заматена аура“.
Конкретниот метод на Ема за истерување на малерот е триење на целото тело со коприва, и тоа по неколку пати, до создавање пликови. Колку поголема болка и црвенило - толку поголем баксуз за истерување.
Во секој поголем град во Еквадор „„курандеросите“ (традиционалните исцелители) нудат различни растенија, на пример лимонова трева, рози или различни видови кактуси чиј сок се користи како стимуланс. Меѓу другото прават и миризливи масла кои ја поттикнуваат љубовната желба.
Исцелителите велат дека го надоместуваат она што не е во можност да го направи официјалната медицина, како заштита од уроци, особено барана кога се во прашање бебиња и деца. Се третираат дури и скрипти и учебници, за да им се помогне на студентите полесно да положат.
Освен спомнатите коприви, се користат и други прочистувачки материјали, како живо јајце или мртво црно морско прасе чие тело се нанесува на телото на пациентот. Репортерка на Би-би-си која поминала низ тепањето со коприва на крајот од текстот вели: „Тензијата од долгите патувања исчезна, до утрото ми беше полесно на душата и бев полна со енергија. Можеби само сакав да верувам во прочистувачката моќ на обредот, но дури и тој да е плацебо, сфатив дека и тоа може да има голем ефект кога станува збор за исцелувањето.“