Ај не биди „полиестер“

На интернет веќе не е доволно нешто да биде само лошо. Треба да биде „полиестер“. Новиот сленг на генерацијата З се шири низ ТикТок и другите платформи како начин да се опише нешто што изгледа евтино, вештачко, масовно произведено, претерано исполирано или едноставно без душа. 

Полиестерот е синтетички материјал кој со децении се поврзува со евтина и практична облека. Токму таа асоцијација сега е пренесена во дигиталниот свет. Кога некој од младите генерации ќе каже дека нешто е „полиестер“, не мора да мисли буквално на материјалот. Може да мисли на облека, човек, видео, начин на зборување, животен стил или цела интернет-персона која му изгледа евтино, вештачки и без автентичност.

Тоа е важно бидејќи новото значење на зборот не е настанато само поради презирот кон полиестерската облека. Во последните години на ТикТок и други мрежи се појави вистинска опсесија со квалитетот на облеката, природните материјали и избегнувањето синтетика. Луѓе снимаат видеа во кои го чистат плакарот од синтетички материјали и бараат облека од памук, волна или други материјали што ги сметаат за поквалитетни.

Од таму до „полиестерски човек“ има само еден мал чекор. На пример, инфлуенсер кој продава евтина, масовно произведена облека или производи може да биде исмеан како „полиестерски принц“. Човек што се обидува премногу очигледно да изгледа кул, успешен или интересен може да биде „полиестер“. А идеалниот живот составен од пентхаус, продуктивност, апликации, вештачка интелигенција и внимателно избрана интернет-персона може да стане „полиестерски живот“.

Најинтересниот дел од приказната е што „полиестер“ не остана само сленг за луѓе и животни стилови, туку и име за специфичен вид интернет-видео. Таканаречените „полиестерски едити“ се кратки фан-видеа во кои ликот од филм или серија се појавува во преден план, додека зад него со огромна брзина се менуваат сцени од истиот лик. Сè е проследено со силни визуелни ефекти, тресење на сликата, светлечки ефекти и гласна музика. Форматот потсетува на фан-видеата, но е намерно претеран до граница на визуелен хаос. 

Mожеби најиронично од сè, овој збор самиот е производ на истата култура што ја критикува: создаден е на интернет, се шири преку алгоритми, се повторува во готови формати и многу брзо станува уште еден тренд.

Што значи дека и „полиестер“ можеби наскоро ќе стане полиестер.

20 август 2026 - 09:44