На голем настан кој се одржа на 10. март во Њујорк на Сем Мендез му беше доделена наградата Џејсон Робардс за извонредност во театарот, која ја доделува театарската компанија Roundabout. Неговите „Крал Лир" и „Чарли и фабриката за чоколада" во моментов играат во Лондон, а се планира и обнова на неговата „Кабаре" од 1998.
На гала вечерта во негова чест настапиле Џереми Ајронс, Даниел Крејг, Џуди Денч и други познати актери и колеги на Мендез. Режисерот кој е подеднакво успешен и на филмското платно (негови се „Скајфол" и „Американска убавина"), изјавил дека многу му се допаѓа тоа како Американците прават его-трипови, и дека никогаш претходно немал видено толку многу сопствени фотографии.
Но дека наместо да чита некаков поздравен говор, тој споделил совети за оние кои режираат или сакаат да почнат да се занимаваат со оваа професија. Еве ги неговите 25 чекори за тоа како да се стане посреќен режисер.
1. Секогаш бирај добри соработници. Ова изгледа премногу очигледно, но најдобрите соработници се оние кои не се согласуваат со тебе. Тоа значи дека тие имаат страст, дека имаат свое мислење, и дека ќе кажат „да" само ако навистина го мислат тоа.
2. Научи како да го направиш познатото необично, а чудното познато. Режирај го Шекспир како да е нова драма, и третирај ја секоја нова драма како да е од Шекспир.
3. Ако имаш можност, те молам работи со Џуди Денч.
4. Научи да велиш „Не го знам одговорот". Тоа може да биде почеток на многу добра проба тој ден.
5. Оди во древниот амфитеатар во Епидаврос, Грција. Тоа ќе направи да сфатиш дека си дел од нешто, и ќе го смени начинот на кој гледаш на светот. Ако си уметник, ќе се почувствуваш како да си во центарот, и никогаш веќе нема да се осетиш како маргиналец.
6. Те молам одбегнувајќи ги сите метафори за претстави или филмови како „шпицови" или „врвови", со апсолутен презир третирај го зборот „дефинитивен"; ако некој го употреби терминот „ремек-дело" тој не знае што зборува. Потерата по совршенство е будалска работа.
7. Ако правиш претстава или филм, мора да имаш таен начин да ѝ пристапиш. Понекогаш тоа се големи нешта. „Американска убавина“ за мене беше за мојата адолесценција. „Пат кон исчезнување" беше за моето детство. „Скајфол" беше за средовечноста и смртноста. Понекогаш тоа се мали нешта. Можеби само некоја едноставна идеја. Не е работата само да му се восхитуваш на сценариото, мора да најдеш нешто во него кое е твое, и само твое.
8. Самодовербата е суштинска, но не и егото.
9. Театарот е медиум на писателот и на актерот, режисерот е на далечното трето место. Ако сакаш вистински его трип, режирај филмови.
10. Купи си пар штитници за очи (онакви ко за коњи). Не читај критики. Доволно е да знаеш само дали се добри или лоши. Денес илјадници луѓе имаат мислење за секое уметничко дело. Колку и да си јак, самодовербата е суштинска за она со што се бавиш, а таа е кршлива работа. Заштити ја. Како што вели Т. С. Елиот, научи нè да се секираме, и да не ни биде гајле.
11. Отвори театар. Една претстава е привремена, зградата е нешто што трае. Обиди се да создадеш нешто кое стои позади твојата работа и koe ќе биде искористенo и саканo и од други.
12. Никогаш не си премногу стар за да научиш нешто ново, како што дознав кога научив да скијам со мојот 10-годишен син. Тој секако тоа го направи за 10 минути, а јас минав четири дена во слалом нагоре надолу, и изгледав како комплетен идиот. Но не се плаши од тоа да изгледаш како идиот. Тоа е суштински дел од процесот на учење.
13. Нема правилно и погрешно, има интересно и помалку интересно.
14. Слики, романи, поезија, музика, сите тие се супериорни уметнички форми. Но театарот и филмот можат да украдат нешто од сите нив.
15. Нема таква работа како „привју" на Бродвеј.
16. Питер Брук рече: „Патувањето е целта". Немој да мислиш на производот или, Бог да чува, на реакцијата на публиката. Мисли само на откривањето и на процесот.
17. Научи кога да замолчиш. Уште работам на ова.
18. Кога имаш актерска екипа од 20 души, тоа значи дека со тебе во просторијата имаш уште 20 имагинации. Употреби ги.
19. Те молам запамти дека Оскарот е ТВ шоу.
20. Забрзај. Како што вели Роберт Фрост: „Кажи сè малку побргу". Има право човекот.
21. Втората продукција на некој мјузикл е секогаш подобра од првата.
22. Научи да прифаќаш вина за сè. Ако сценариото било лошо, не си работел доволно со авторот. Ако актерите не се добри, ти не си успеал да го извлечеш најдоброто од нив. Ако светлото, постерот или костимите се лоши, ти си ги одобрил. Набилдај ги рамениците, ќе ти требаат за да издржат голем товар.
23. На екранот твојот херој може да истепа 500 лоши момци, но ако испуши само една е*ена цигара, тогаш си во големи срања.
24. Секогаш имај испланирано алтернативна кариера. Мојата е коментатор за крикет. Никогаш нема да се занимаваш вистински со неа, но може да ти помогне да спиеш ноќе.
25. Никогаш, ама никогаш не заборавај колку имаш среќа што работиш нешто кое го сакаш.