Нови години

Вечерва е Нова година

Вечерва е Нова година, сите знаат. И што да се каже? Ништо посебно: ќе дојде полноќ, па ќе помине. 

Вечерва е Нова година, сите знаат. И што да се каже? Ништо посебно: ќе дојде полноќ, ќе фрштат петарди, ќе има огномет, жижици... луѓето ќе си честитаат со бацувања секој - секого што се затекнал да слави на исто место, на токсикологија ќе носат пијани и отруени од алкохол, многумина ќе се прејадат сарми и свинско, ќе се вртат ора по кафаните, ќе има качувања по маси, пеење и дерење, некои млади што се бендисувале претходно ќе станат дечко и девојка... такви работи. Сѐ тоа па тоа, секогаш исто.
Се обидувам да се сетам на моите нови години од времето кога и јас го славев овој бизарен празник, и да видиш... се сеќавам на неколку. 

Дочек 1981: Славевме кај Гане, и игравме сите исто (така беше модата) со научени чекори на некоја песна од Дaјана Рос. Знам дека беше студено и имаше снег, излеговме пред зградата во 12 само по кошули и така испаднавме мангупи пред женските. Главен хит тогаш беше „Воман ин лав" од Барбара Стрејсенд.


1986: Во војска, Словенија, дававме стража во едно место близу Постојна што се вика Ракек. Утрото на 1 јануари бев на стража од 7 до 9 и прв газев по новонатрупаниот снег. Цел метар. Трткаше под чизмите. Знам дека блескаше сонце, сјаеше белина по боровите гранки и овде-онде имаше траги од некакви животни, веројатно срни, и сѐ беше како кич новогодишна разгледница. Ама беше убаво, зашто беше живот, а не разгледница. А имавме и телевизор таму и памтам дека го даваа „Виктор-Викторија". За Нова година секогаш пуштаа такви филмови.


1993: Лондон, Ју-Кеј. Бевме прво на некоја журка во Вестбурн Парк, големо друштво секакви, а потоа се возевме со бесплатен автобус кај ќе стигнеме и добро си поминавме во дабл-декерот. Бевме гласни во муабетот, викавме и пеевме (Балканци, што да правиш?) и примавме и дававме честитки со извикување: „Апи Нујиар" – на сет глас. Потоа едни мирни црнци се расположија гледајќи не нас такви расположени и ни запеаја госпел: „Џиз'с из алајв, Џиз'с из алајв – форевер из алајв...". Испадна така што на крајот цел автобус пееше „Џиз'с из алајв", и ние со нив... а кога атмосферата ќе се стишеше викавме: ГРРУУВИ! И цел автобус: ГРРУУВИ! И така.


2010: Бевме со Бедри во еден ресторан во Ѓорче, Ацика ми се јави на 31-ви, вика ај ќе одиме таму, било убаво местото. А таму, не едно туку две друштва, и тоа толку различни што да беше заедничка прослава на вмро и сдсм ќе беше поприродно. Имено, едниве беа ултра андерграунд западоидни, со намрштени женски со безбол капчиња и ноншалантно незаинтересирани мажи со чудни коси, а вториве ултра турбо-народњаци, со женски со голи грбови, голи нозе и штикли, а мажите во шоферска комбинација: сини панталони со раб и посветла испеглана кошула. Првиве пуштаа песни од Ник Кејв, Били Ајдол, Бјорк и Боуви, а кога вторите ќе дојдеа на ред – Цеца, Миле Китиќ, Благица и Ацо Лукас. Кога едниве играат другиве седат... и обратно. Два света човеку, и две галаксии меѓу нив. Кога и да погледнеш наоколу, лево или десно, пола ресторан седат и превртуваат со очи... Разбирливо, си отидов порано, не знаејќи каде помалку припаѓам, кај првите или кај вторите. И покрај сета нивна исклучивост, на крајот ми се видоа и некако слични. Сепак, при еден рокенрол заиграа и народњаците, ама алтернативциве тогаш испоседнаа како по команда.

2015: Денес цел ден мозгам, се трудам да се сетам каде бев лани за Нова година... и никако да ми текне. Најсериозно. Изгледа сум го преспал големиот миг на неопислива среќа и длабока егзалтација кога се сменила бројката на календарот. Од четворка – во петка. За утре, не знам што ќе правам. Немам ни план, ни програма. Имам грав во фрижидерот. А петката ќе стане 6-ка.

Тихо

Р.Ѕ. Не сум по дочеци, ни по чочеци.

 

31 декември 2015 - 02:12