Има една песна од Џони Кеш, која освен што е како и другите негови саги за несреќни боемчини, има и една родителско-образовна жичка. Имено, главниот лик, архетип на вестерн битанга, пред да си замине во сансетот му oстава на својот тригодишен син стара гитара којшто го крстил со женско име. Синов, кутриот, соочен со етикетата што му ја оставил оној кој отишол по цигари, а живеејќи во (во тој и во овој момент) конзервативниот Див Запад решава со сила да се избори за својот машки статус. Воедно, главен мотив му е еден ден да го најде таткото параспур и да го реши по кратка постапка за да му се освети за сите премрежја што ги имал носејќи женско име. И прошетал цел запад, и тупаницата му станала силна, ама и духот сјаен, криејќи се од град во град. Животот не беше лесен за момчето со женско име, ама на крајот го наоѓа стариов, нормално во бар, почнуваат да се тепаат и, пред смртоносното финале стариот, целиот крвав, поентира: Сине (вика он), знаев дека нема да бидам тука за тебе да ти помогнам и да те бранам од појаките, па решив да ти ставам такво име кое ќе ти биде повод да се челичиш сам. Тилт.
Колку пати сте се нашле во ситуација да ги оставите некаде децата, кај баба или роднини, понекогаш и сами дома, за да киднете од родителските обврски. И, во сите тие случаи, наместо вас, воспитанието го преземаат баби, комшии и, недајбоже, улицата.
Или, колку пати сте донеле далекусежна одлука по повод судбината на вашето дете без да мислите на вистинските последици. Колку и да се добри намерите сепак може да завршите како татко што го тера синот да игра лево крило, затоа што и таткото бил добар во тоа, а малиот е пукнат, пак, по индивидуален спорт. Или нешто слично и полошо.
Бидете свесни за тоа, затоа што кога стануваат тинејџери, веднаш се чувствуваат возрасни. Какви и пилиштарци да се, мозокот почнува да им го поприма матриксот на возрасните. И преполни се со еуфорија, баш дека се чувствуваат големи по прв пат. И може, еден ден, да дојдат и да ви ја учукаат една, а може и поише. Со право.
По тој повод бидете подготвени. Ако сте родител, секогаш постои понекој тинејџер (или повозрасен) кој е спремен да ви го смени личниот опис. Зошто? Така. Зошто така било и така и ќе биде.
Лав Толстој во уводот на Ана Каренина вели секое среќно семејство патетично личи едно на друго, а секое несреќно е несреќно на свој начин. Затоа бре треба да исполните милион услови за да бидете добар родител, пријател, поддршка. Па затоа, можеби и е подобро некогаш да ги стиснете забите и го истрпите ќутекот од тинејџерот. Тоа не значи дека сте се предале.
Има поента и кај Џони Кеш: Малиот, кој уствари се вика Су (нагалено од Сузана), е сепак подобар и, освен што му простува, сепак вели дека нема да се раководи од постапките на постариот и никогаш нема своето дете да го нагрди со политички неподобно име. Ама дали сте и вие Џони Кеш?
Има и уште една, скриена поента тука: стариот му остава гитара. Од гитарата малиот Су си напраил кариера, затоа што во шоу бизнисот секакви имиња проаѓаат. Па затоа, што и да правите или не правите со вашите деца, мојот скромен совет е: со гитара, конги или пијано, од плоча или од компјутер, една работа што сигурно мора да ја правите е да ги здружите децата со музика. Од мала дневна до мала ноќна. Музиката ја има таа моќ да ги раздвижува електричните импулси во мозокот на поинаков начин. Со други зборови, ќе станат попаметни. И свои. И затоа секогаш кај нив ќе имате еден голем плус.