Зошто овдешниот патлиџан е повкусен од американскиот?

На ниво на наука или поднебје нема никаква причина Американците да не јадат патлиџани како оние во Шишево. Па сепак не јадат такви и постојат цели генерации Американци кои никогаш во животот не пробале вистински домат. Два збора: култура и регулатива.

Масовен панел од 500 експерти за едни од највкусните домати на светот своевремено ги имаат прогласено оние на професорот по хортикултура Гер Кли. А неговите домати не биле одгледани ни во Мрзенци, ни во нивата на Васе Амзо ниту пак на падините на Везув каде што растат фамозните патлиџани Сан Марцано.

Не, биле одгледани во Гејнсвил, Флорида.

Освен супериорниот вкус и мирис како и идеалниот размер на слаткост и киселост, патлиџаните на Кли ги имале и другите потребни карактеристики: рок на траење, издржливост на транспорт и отпорност на болести.

Па сепак, тие ама баш ништо не направиле на американскиот пазар. Само затоа што биле двојно помали од оние кои се очекуваат во супер-маркетите. А штом се помали, треба повеќе труд за да се соберат па би чинеле и нешто повеќе. Тоа што биле превкусни не значи многу.

"Одгледувачите се платени за тежината, не за вкусот. Затоа трпезите завршуваат со многу производи а малку вкус" вели Кли кој предупредува дека во Америка се пораснати цели генерации кои никогаш не пробале вкус на вистински домат.

"Да отиде млад Американец во Италија и да проба нивен патлиџан, животот ќе му се смени. Во моментов се навлечени на оние огромни, перфектно црвени и перфектно безвкусни домати", вели експертот за вкусови, Марк Шацкер.

Едноставно, целиот ланец на набавка оди така да ја задоволи навиката на американскиот конзумент работите да бидат големи и светкави, на сметка на нивниот вкус и идентитет.

"Комплетниот процес на производство и дистрибуција на храна во САД е заглавена во една бескрајна спирала на безвкус, како во оние халуциногени илустрации на Ешер", смета експертот.

На ситуацијата не влијаат само културолошките разлики во односот кон храната на Европа и Америка, туку и регулативата.

"Кај нас во САД, првенствена грижа на регулаторите им се безбедноста и даноците, наспроти квалитетот. Во ЕУ имате региони - Бордо, Бургундија - кои имаат прецизирано и наметнато свои и специфични правила за одгледување", вели вински експерт од Универзитетот Корнел.

Тоа отприлика значи дека лозници мерло може да купите и да ги буцнете кадешто сакате. Но ако сакате тоа што ќе го добиете да ви биде признато како вино во Бордо, треба попат да испочитувате уште дузина правила за тоа во какви буриња и колку долго треба да стои таа течност.

Како што некогаш беше случај со ЈУС во Југославија, Италијанците имаат DOC (Denominazione di origine controllata) систем, државно регулиран програм за гарантирање на квалитетот. Кога следниот пат ќе посакате да купите италијански сос, вино или маслиново масло, побарајте ја таа ознака на производот.

"Нивните правила изгледаат комплицирани, средновековни и буржоаски, но вистината е дека тие сериозно го сфаќаат тоа што го јадат и пијат," ги сумира Американецот разликите во опседнатоста во САД и стариот континент.

Да се вратиме на оној Американец Кли од почетокот на текстов. Тој сепак добил една сериозна нарачка за 10.000 парчиња расад од неговите идеални домати.

Нарачката дошла од одгледувачи во Италија.