Сè што е лошо не е шеќер

Во одбрана на шеќерот

Досегашните истражувања го имплицираат шеќерот како виновник за растечката стапка на дебелеење и за болести како дијабетес, а дел од истражувачите го опишуваат како токсичен. И горе долу, црната кампања против шеќерот, трае веќе стотици години.

И покрај лошиот имиџ што го заслужува, шеќерот низ годините е покриен и со "конзистентен шаблон од нерационални верувања."

Во 1974-та, педијатарот Вилијам Крук пишува писмо до еден медицински журнал во кое го именува шеќерот за "водечка причина за хиперактивност." Ова тврдење се уште редовно се повторува и е издигнато на ниво на здрав разум, иако според (американскиот) Национален институт за ментално здравје има повеќе истражувања кои го негираат овој заклучок отколку што го поддржуваат.

Почетоците на прогонот на шеќерот се некаде во 18-от век, и тоа заради стравот на луѓето од сексуалноста. Британскиот автор Џонас Ханвеј го обвинува шеќерот за создавање "страсти од фантазии и лоши навики во кои природата нема никаков удел." Во 1852-ра, докторот Џејмс Редфилд тврди дека секоја фаза на обработката на шеќерот е "фаза во спустот на измами, лаги, кукавичлук, суровост и понижување." Наспроти ова се животните кои живеат на мед и кои се храбри и внимателни.

Она што денес се збори за марихуаната, како почетна дрога која ќе те навлече на посилни дроги, во 19-от век се зборело за шеќерот и за благите работи.

Алан Левиновиц во текст за Кварц се обидува да ја смири паниката околу шеќерот, повикувајќи се на анализа од 2007-ма под наслов - Зошто најголемиот дел од објавените истражувања се погрешни. Авторот на анализата, Џон Иоанидис, објаснува дека "резултатите од истражувањата најчесто се точна мерка за преовладувачките предрасуди."

"Ова не значи дека прекумерната консумација на шеќер е безбедна, ниту пак дека треба да ја прифатиме улогата на шеќерот во нашата национална исхрана. Преголемиот внес на калории најчесто е заради благото, и компаниите алчно им рекламираат зашеќерена храна на децата. Па како да го решиме ова?

Да им се кажува на луѓето 'не го јадете тоа' изгледа дека до сега немало големо влијание. Кога на Американците им беше кажано да се плашат од мастите, консумацијата на масти се намали за мал процент, додека порасна консумацијата на јагленхидрати...

... Има други стратегии кои ни се достапни. Можеби треба да признаеме дека здрав став кон храната не треба да вклучува грижа за тоа која храна е здрава. Треба да се фокусираме како храната во продавниците да биде посвежа, поразновидна, и по достапна, бидејќи не секој има локален зелен пазар, или пари да купува таму, или време да готви, или градина во која може да одгледува зеленчук.

Треба да се стремиме да го направиме домашното готвење поостварливо преку финансирање на часови за готвење. Студентите по готвење - и стари и млади - можат да научат да готват и преферираат вкусни оброци без да се чувствуваат принудени, исплашени или виновни. И ова треба да го направат во кујни опремени, како што е и секоја добра кујна, со шеќер," пишува Левиновиц.

16 јуни 2015 - 10:02