Како треба да се нарекува сопругот на претседателката на државата?

Во својот инаугуративен говор, новата претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, му се заблагодари на поддршката на својот сопруг. До сега имавме „први дами“, односно сопруги на претседатели-мажи. Како би можела да гласи оваа титула обратно?

Доколку се обидете да изгуглате „термин за сопруг на жена-претседател на држава“, ќе добиете линкови до дискусии на форуми, до јазични портали, но не и до медиумски или енциклопедиски објави. Ова изгледа историски било ретка појава за некој сериозно да се занимава со неа.

Во светски рамки, прашањето е решавано на различни начини, тогаш и онаму кадешто се наметнувало. На пример во Ирска, сопругот на поранешната претседателка, Мери МекАлеси (1997-2011), го викаа доктор Мартин МекАлеси, согласно неговата академска титула; мажот на Ангела Меркел, квантен хемичар, до толку не сакаше да има никаква врска со нејзината позиција, што од германските медиуми беше нарекуван „Фантомот од операта“. Американците, кои сакаат нештата да имаат име дури и пред тоа да биде потребно, дискутираа за тоа како би се викал Бил Клинтон доколку во 2007 неговата сопруга, Хилари, го победеше Трамп. Сега, кога постои можност Миешл Обама да „влезе од клупа“ на американските избори (доколку Џо Бајден навистина се повлече од трката за изборите во ноември, за што на сајтот пишувавме тука), истото прашање ќе се постави и за Барак. 

Одговорот тогаш, а и сега, и тоа не само во англиското говорно подрачје е - ПРВ ЏЕНТЛМЕН. Тоа функционира и во земји како Филипини и Индија. Можеби за наши услови тоа би звучело необично, но кога пак „дама“ имало автентично македонско-балкански призвук? Дали со „дама“ би можеле да се опишат големите женски фигури на македонската историја (не затоа што не ја заслужиле оваа титула, туку затоа што просто терминот е туѓ)? Ако сме можеле да го прифатиме тоа решение, тогаш би било логично, во буквален пар, со него да оди и „џентлмен“. 

Секако, има и други решенија, но и тие не звучат добро, од поинакви причини. Прв сопруг? Прв партнер? Машка прва дама? 

Дури и кај сопругите, терминот не секогаш бил поврзан со претседателската функција и не секогаш со бракот. Првиот регистриран случај на редовно именување на лице со „прва дама“ е Хариет Лејн, поврзана со 15-тиот претседател на САД, Џејмс Бјукенен, но како внука, бидејќи тој бил доживотен ерген. Во Јужна Кореја во текот на последните пет години од претседателствувањето на Парк Чун Хи, неговата ќерка беше нарекувана „прва дама“, откако нејзината мајка, односно сопругата на претседателот, почина. 

Во САД „прва дама“ и „прв џентлмен“ е користено и за други високи политички функции, на пример градоначалник или гувернер. Дополнително, претседателот и неговата сопруга (или обратно) се познати како „првиот пар“, а ако имаат деца, „првото семејство“. 

Французите имаат première dame, но до сега немале premier monsieur, иако терминот е употребен во 2017 кога имаше шанси Луис Алиот да стане прв месје, доколку неговата партнерка, Марин Ле Пен, победеше на тогашните избори. 

Португалците имаат primeira-dama и primeiro-cavalheiro (кај Шпанците caballero). Значи, прв каваљер.

Во нам поблиските земји, Хрватска користи „супруга предсједника републике“ или „супруг“, а поретко „први господин“. 

Кога парот не е во брачна врска можни се и други опции, како кога австралиските медиуми го нарекоа „прв дечко“ партнерот на премиерката Џулија Гилард. 

Во минатото имало маркантни случаи на жени-кметици на села, војвотки, борки. Веќе се навикнуваме дека „претседател“ може да биде и во женски род. Па така ќе се навикнеме и на титулата на нејзиниот сопруг, кој можеби е најдобро, со оглед на проблемите со сите погоре спомнати опции, да остане „сопругот на претседателката“, на кого таа и понатаму ќе му биде благодарна на поддршката. 

15 мај 2024 - 09:46