Диета една, душманите рој

Не е чудо што диетите не успеваат. Постојат точно 108 фактори кои со здружени сили работат на случајот да си бидеме дебелки.

Експертите на Британската нутриционистичка фондација издвоиле 108 причини кои создаваат вишок килограми на нашите преубави тела. Ги поделиле во 7 категории - социјални, психолошки, јадење/пиење, физичка активност, околина, физиологија и тв/компјутери.

Велат дека е доволно да се елиминира по еден фактор од група за да се види подобрување на изгледот.

Лошото друштво спаѓа во првата категорија. Забавно е со такви ама стануваш софраџија. Да буташ храна кога ти е досадно или кога со неа сакаш да се наградиш за нешто е во втората, психолошка група фактори. Да голташ брзо и да се наполниш пред да му дадеш шанса на стомакот да сигнализира дека си ок, спаѓа во третата категорија. Итн, итн....

Фондацијата порачува дека со мали финти можеме многу да си помогнеме. Со тоа што предлагаат такви финти кои животот ќе ви го направат мизерија.

Да речеме, предлагаат да си го скриете далечинскиорт управувач и да станувате да смените канал. Така ќе потрошите 15 калории на час. За 40 калории на час треба да вежбате за време на рекламни блокови. Нели е полесно кога ќе почне ЕПП да станете и да смените канал на кој нема ЕПП?.

Наместо смоки/чипс од кеса, да се става во сад (според Илина: она што е како тацна, ама длабоко) - 130 калории. Да станеш и да му досаѓаш на колегата барем еднаш на саат време - 120 калории дневно. Нервозно тресење со нозе додека седите ќе ви потроши 350 калории на ден (и ќе ви ги изнервира луѓето на маса).

Има уште ама, ама во моментов, досаѓањето по колеги звучи неодоливо.

26 јуни 2012 - 10:43