За романтичните комедии

Манијачење со хепи-енд

Романтични комедии, светот каде новинари живеат во огромни станови во Њујорк, а наградата за дремење и појавување пред врата на девојка за која не знаеш ништо е среќа до крајот на животот (а не интервенција на полиција и отворање досие).

"Разумните луѓе знаат дека љубовта не е како во романтичните комедии, исто како што разумните луѓе знаат дека сексот не е како во порно филмовите. Меѓутоа овие сепак создаваат слика за романтиката која протекува во атмосферата е може суптилно да влијае на перцепцијата и очекувањата што луѓето ги имаат од љубовта," пишува Џули Бек во текстот за Атлантик.

Во студија на Универзитетот Мичиген, 426 жени треба да изгледаат еден од шесте филмови што ги имаат на располагање, а се скратени на половина час:

- Романтична комедија во која маж се обидува да романтично да освои жена, и притоа е позитивно прикажан (There's Something About Mary или Management).

- Филм во кој маж се обидува романтично да освои жена и е прикажан како страшен лик (Sleeping with the Enemy или Enough).

- Документарец за природата (March of the Penguins или Winged Migration) како контролна опција.

По филмовите, жените пополнуваат прашалник кој се однесува на неколку митови околу следењето жени, како - жртвите на следење во најголем дел се жени кои премногу долго одбивале некого па се премислиле, или дека човек кој оди до таму да следи некого сигурно е крајно заљубен во тој или таа што ги следи.

Тие што ги гледале филмовите каде главниот лик е негативно прикажан, не ги поддржале овие митови. Спротивното важело за групата во која манијачењето било прикажано во позитивно светло, посебно кај оние кои некако се идентификувале со филмот.

"Големите гестови, како најмување приватен детектив за да ја пронајде средношколската љубов, како во Има нешто околу Мери, често пати се прикажани како недвосмислени знаци за вистинска љубов. Всушност, на нив се гледа како одраз на еден од најголемите митови околу романтичната љубов: без разлика колкава е препреката, љубовта се' ќе надмине," пишува авторката на студијата Џулија Липман.

Според американскиот Национален институт за правда, "следењето (stalking) конзервативно е дефинирано како 'начин на однесување насочено кон одредена личност која вклучува повеќекратна (два или повеќе пати) визуелна или физичка близина, неконсензуална комуникација, или вербални, пишани или имплицирани закани, или комбинација на претходното, кои би предизвикале страв кај разумна личност.'"

Според Доблер-Дамер теоријата, што Тед Моузби ја објаснува во Како ја запознав мајка ти, "ако примателот на големиот гест е заинтересиран во давателот на гестот, тогаш тоа е шармантно (како ликот на Доблер од Say Anything...). Ако примателот не е заинтересиран, тогаш гестот изгледа лудачки и морничаво, а давателот на гестот преставува Дамер (по Џефри Дамер, серискиот убиец и канибал)."

Во љубовните приказни, крајот ги оправдува средствата, со тоа што тој крај секогаш е среќен.

"Ова е комплетно поддржано од когнитивната теорија на општеството, каде стимулансите кои се во игра ќе формираат како ние на крај ќе гледаме на постапките и вредностите. Многу е поверојатно дека ќе прифатиме какво било однесување или вредности, ако тие водат кон позитивен исход. И што би бил попозитивен исход отколку тоа да бидеш со жена од твоите соништа," објаснува Липман.

П.С. Објаснувањето зошто се уште немаме романтична комедија во која Меган Фокс го следи и се обидува да го освои Кевин Џејмс или Џона Хил е дека "кога маж се обидува да освои жена тогаш тоа е однесување во согласност со доминантните родови улоги. Кога жена се обидува да освои маж, тие делуваат во спротивност на овие улоги."

8 февруари 2016 - 12:51