Холивудски стереотипи

Зошто Русите секогаш се негативци?

Без разлика од кога гледате холивудски филмови, јасно ви е дека штом се појави Русин, речиси е фикс дека тој ќе биде негативец. Истото им е јасно и на Русите, и ова не им се допаѓа. (Нормално, затоа што се негативци и сакаат сè да расипат.)

Во август годинава, членот на комитетот за култура на Думата, Бату Хасиков, порача дека "филмовите во кои се што е поврзано со Русија е претерано демонизирано или покажано на примитивен и бесмислен начин, треба да се забранат за дистрибуција низ кината."

Историјата на Русите како негативци почнува уште пред Студената војна, како што објаснува професорот по филмски студии на Универзитетот на Лечестер, Џејмс Чепман, "Русија одамна е претставувана како геополитичка закана за Западот, меѓутоа дури за време на Студената војна, значително се засилуваат стереотипите кои ги поврзуваш со Русија и Советскиот комунизам."

За ова не помага ниту падот на Берлинскиот ѕид, ниту пак тоа што пројде четвртина век од тогаш.

Според Чепмен, цврстата позиција на Путин е една од причините за воскреснувањето на стереотипот за рускиот негативец во последните години, и тоа повторно по иста основа како и пред Студената војна, дека сега Русија пак изгледа како геополитичка моќ и непријателска сила.

За Нина Хрушчова (да внука на Хрушчов), која сега е професорка во САД, Путин под влијание на Холивуд со годините се повеќе оди на имиџ на негативец, откако видел дека и онака го преставуваат како крајното зло на земјата.

Најголем потенцијал за замена на Русите, моментално има ИСИС, меѓутоа тука проблемот е што организацијата е составена од повеќе нации, па не е така лесно да се покаже негативецот. Претпоставката е дека Холивуд од нации ќе смени на професии, па негативците на иднината би биле некои што загадуваат или што ги негираат климатските промени.

"Проблемот е што никој од негативците од денешните филмови ја нема тежината на оние од минатото. За време на студената војна, посебно во драматични времиња како Кубанската криза, руски негативец на екранот беше поголемо зло затоа што кино-публиката знаеше дека американските и руските нуклеарни капацитети се подготвуваа за започнување војна," пишува дописникот на БиБиСи за филм, Том Брук.

На сметка на популарноста на рускиот негативец, низ годините се издигнуваат и повремени актуелни негови замени, како Германците и Јапонците за време на Втората светска војна, или од време на време Арапите и муслиманите. Арапите се жалат на ЗБ синдромот, според кој тие се преставени само како три карактери - belly dancers, billionaires или bombers. На почетоците на Холивуд, Кинезите почесто беа на листата, ама последниве децении речиси и да не се појавуваат како негативци, најмногу затоа што се клучен пазар за филмските студијата. (Во 2012-та беше променета комплетна приказна на римејкот на Црвената Зора, и студиото по оваа основа реши наместо Кинези, главните негативци во филмот да бидат од Северна Кореја.) 

7 ноември 2014 - 09:52