Како заврши образовната донација на Закерберг од 100 милиони долари?

Како и нашите, и американските медиуми обично им даваат голем публицитет на милионските донации но подоцна ретко кој проверува како тие завршиле. Пред некоја година Закерберг од Фејсбук донираше 100 милиони долари за школите во Њуарк, една од најбедните заедници во Америка. Што се случи со тие пари? Нишчо особено. 

Кога новинарката Дејл Русакоф во 2010-та кај Опра ги слушала Закерберг, тогашниот градоначалник на Њуарк Кори Букер и гувернерот Крис Кристи како зборуваат за 100 милиони долари вредната донација и плановите комплетно да се промени образовната слика на Њуарк, била сигурна дека тројцава знаат што зборуваат. Подoцна сфатила дека не е баш така. Четири и нешто години го следела одблиску проектот и напишала книга за тоа.

Според неа, главен проблем била идејата дека во некоја конкретна социо-економска средина озгора може да се донесе готов образовен модел и тој туку така да се имплементира. А потоа истиот модел да се понуди на национално ниво како франшиза. Образовните предизвици секогаш се конкретни, човечки, оптоварени со свој историјат и внатрешна логика. Целиот систем (а не само образовниот) бил дисфункционален и во такви услови тешко е да успее само еден сегмент. Реформаторите ги гледале училиштата изолирано, без да водат сметка за багажот кој учениците секојдневно го носат во нив, живеејќи во услови на тешка сиромаштија и лоши институции.

Речиси 50 милиони долари отишле на зголемени плати на наставниците. 25 милиони долари биле потрошени да се прошират тн чартер училишта (кои знаат да бидат квалитетни) а фрапантни 20 милиони долари им биле дадени на разно разни советници и експерти кои заработувале илјадници долари дневно за своите драгоцени совети од кои се очекувала магија. 

"Награда" е дел од насловот на книгата на Русакоф. По неа, проблемот е во тоа што за вклучените субјекти (локални политичари, политички шефови и избрани функционери), наградата била контрола врз буџетот за да ја зголемат својата моќ и влијание. Сè додека наградата не се самите ученици и нивното знаење, од реформите нема да има многу ќар, порачува таа.