Коронавирусот се претвори во кошмар за Холивуд

Меѓу 1 и 2 милијарди долари е штетата што Холивуд очекува да ја претрпи откако неговиот втор најголем пазар на светот затвори 70.000 киносали како дел од обидите за спречување на коронавирусот.

Додека 2019 американските киноблагајни ја завршија со 11,4 милијарди долари или разочарувачки 4% помали приходи од 2018, радоста на ионака пребогатите студија дојде од остатокот од светот каде постигнаа рекордна заработувачка од 42,5 милијарди долари. Од сите не-американски пари од киноблагајните од Кина доаѓаат 9,2 милијарди долари.

Оваа сума многу објаснува зошто Холивуд изведува невозможни и себепонижувачки егзибиции за да им удоволи на кинеските власти и гледачи, но исто ја објаснува и паниката во која моментално се наоѓа филмската престолнина дека годинава и покрај сите напори веројатно ќе им бидат скратени милијарда до две од крајниот ќар.

Коронавирусот почна да се шири на неколку денови пред Кинеската нова година, период од годината во кој се случува масовна преселба и враќање дома на милиони и милиони работници што од рурална Кина работат во индустриските центри. За Кинезите ова е најлошиот можен период кога можеше да избие вирусот, бидејќи истите овие милиони луѓе со часови се затворени во тесен простор дур да стигнат дома (воз, автобус, авион). Од друга страна, страдањето на Холивуд е дека традиционално за празниците овие луѓе се одаваат на семејни активности како одење во кино, нешто што сега исто така нема да се случи заради страв од вируси плус карантин.

Минатата година во февруари кинеските киноблагајни поставија рекорд за најголема заработувачка направена од една држава во текот на еден месец. Со вакво темпо на ширење на вирусот Холивуд нема да го фати ни февруари како што треба.

По објавувањето на предупредувањето од докторите, водечките кинески филмски студија го откажаа и пуштањето на 6-те најголеми филмови што требаа да имаат премиера за Кинеската нова година.

Дури и без забрана од властите бројките се разочарувачки, па така оние киносали кои сепак решиле да останат отворени за викендот 24-26 јануари заедно заработија вкупно 2 милиони долари. Минатата година, за истиот овој празник беа заработени 507 милиони долари.

31 јануари 2020 - 15:30