Изумите изродени од научна-фантастика

Големите еуреки често доаѓаат ненадејно, но тие решенија бараат добра информираност околу сложениот проблем. За некои иноватори, во информирање спаѓало и читањето научна фантастика. Додека чекаме некој да пронајде начин да се телепортираме, ѕирнете ги овие неколку случаи, каде приказните испаднале пророштва што подоцна и се оствариле. 

Тазерот, џебниот уред што прави мали електрошокови, е измислен од Џек Кавер кој бил загрижен поради тоа што во авион не смее да се користи пиштол. Тој сакал да направи несмртоносно оружје и бил инспириран од еден напис во кој се зборувало за човек што бил времено неподвижен откако се допрел на ограда под напон. Сепак, клучно било неговото омилено дело од Виктор Апелтон, „Том Свифт и неговиот електричен пиштол“. Оттаму и називот на изумот, кој е всушност акроним со додадено „а“ за да биде полесно за изговарање. Tom A. Swift's Electric Rifle. T-A-S-E-R.

Слична е ситуацијата околу создавањето на хеликоптерот, каде Игор Сикорски бил инспириран од летачката машина Албатрос, спомната во „Робур Освојувачот“ на Жил Верн. Во обратен правец, Жил Верн бил инспириран од првата направена подморница за делото „Дваесет илјади милји под морето“. Истата книга објавена во 1872-ра потем го повлекла 14-годишниот Сајмон Лејк, креаторот на подморницата Argonaut Junior, кој потпишува неколку важни изуми околу унапредувањето на технологијата во современите подморници.

Интернетот, или некаков концепт од кој се наѕира, првпат го има во краткиот расказ „Притисни Ф за Франкенштајн“ на Артур Кларк. Дознавајќи дека му бил инспирација на Тим Бернерс-Ли, Кларк се пошегувал изјавувајќи дека се доживува како кум на интернетот.

Томота Такахаши, еден од водечките научници за развој на човеколики роботи, признава дека сè започнало со „Астро Бој“, стрипот на Осаму Тезука. Андроидот од стрипот е главна инспирација за дизајнот на Киробо, еден од најпознатите роботи на Такахаши. Таткото на ракетите пак, Роберт Х. Годар, ја доживеал „Војна на светови“ како повик за посветено да работи на својот животен пронајдок. Од научна фантастика се инспирирал и Алон Городетски, поточно од „Невидливиот човек“ на Х. Г. Велс кој уште пред 120 години можел да замисли дека клетките на човекот можат да бидат и невидливи

Овој жанр го дал својот придонес и кон истражувањето на површината на Марс, со оглед на тоа што физичарот Питер Х. Смит кој ја дизајнираше камерата што слета на Црвената планета, признава дека идејата му дошла читајќи ги делата на Реј Бредбери. Анимираната серија Ghost in the Shell пак, е појдовната точка за повеќе научници кои сега работат на облека која ќе биде камуфлажна благодарение на „ретро-рефлективните материјали“. И далечинскиот управувач, тој царски изум со примена во многу области, е првпат опишан во расказ. Станува збор за расказот „Валдо“ на Роберт А. Хајнлајн, каде научникот се обидува да најде чаре да продолжи да работи и покрај распаѓањето на неговите мускули. Далечинското, кое некои во прво време го нарекувале и Валдо, е пронајдок на Џон Пајн. 

Па дури и за атомската бомба првпат чувме од писател. Х. Г. Велс, кој видовме дека можел да предвиди и свет во кој луѓето се невидливи, во „Ослободен свет“ има опишано „бомба што може бесконечно да експлодира“, која ќе уништи цел еден град а ќе биде доволно мала за да може да биде фрлена од авион. Ја нарекол атомска бомба. Лео Силард, оној што ја спровел идејата до реализација, во прво време сметал дека се работи за чиста измислица но потоа развил нацрт-план за бомба со атомска енергија. Во 1954-та, тој го прогласил Велс за татко на атомската бомба. Велс пак, освен идејата, во гореспоменатата книга точно го кажал и местото и времето на создавање. Блумсбери, 1933-та.

30 ноември 2022 - 17:10