Швајцарското село каде што бегалците се забранети

Едно од најбогатите швајцарски села (и општо во Европа) одлучи да ги одбие бегалците кои им следуваат според квотите за прераспределување, и наместо тоа да поштено да ги плати 260.000 евра казна предвидена за одбивањето. И сето ова нема никаква врска со расизам, барем според локалните власти.

Се работи за селото Обервил-Лили, во кое живеат 300 милионери на популација од 2.200 жители, кои гласаа "не" на локалниот референдум за прифаќање на 10 бегалци. Распределбата им следуваше според планот на швајцарската влада за распределување на 50.000 азиланти низ земјата. Референдумот во Обервил-Лили заврши со 52% против и 48% за примање на бегалците.

Жител на селото во изјава за Дејли Меил, порачува:

"Просто е, не ги сакаме да ни се тука. Напорно работевме цел живот и имаме преубаво село кое не сакаме да ни го расипат. Не сме опремени за да сместиме бегалци. Нема да се вклопат тука."

Андреас Гларнер, првиот човек на селото, инаку десничар, за медиумите објаснува дека одбивањето бегалци нема никаква врска со расизам, туку е за добро на беглаците.

"Не ни кажуваат дали овие 10 се од Сирија или се економски мигранти од други држави.

Да, мора да им се помогне на бегалците од Сирија и за нив е подобро да им се помогне во камповите во близина на нивните домови.

Може да им се испратат пари за да им помогнеме, ама ако ги вдомиме тука тоа ќе испрати погрешна порака. Останатите ќе почнат да доаѓаат и ќе ги ризикуваат своите животи минувајќи го океанот и плаќајќи им на шверцерите да ги донесат тука.

Тие најверојатно не знаат да го зборат јазикот а некои од нив најверојатно имаат деца кои тука ќе треба да одат на школо, каде што ќе треба да им се посвети посебно внимание," изјавил Гларнер.

Разгледница од селото:

30 мај 2016 - 09:26