Кој ни ги украде Евреите?

Споменот на нивните животи денес се отфрла како неважен статистички податок, во обид да се - што? Нејасно е. Јасно е само дека од неукост, неинформираност, незнаење, злоба, лични интереси, или сѐ горенаведено, некој свесно, макијавелистички одлучува дека овие 7.762 души не се толку битни кога се работи за иднината.

Пребројте колкумина немааа појма за судбината на Евреите во Македонија пред да излезе „Трето полувреме“. Ај сега, пребројте колку сѐ уште немаaт појма, или се само со нафрлени информации дека тука имало „некакви Евреи, ама ете, втора светска војна…“ И бидејќи официјална Еврејска заедница не е богзнае колку вокална овие неколку недели и не смета дека треба да се раскине од дерење за неправдата што им се нанесува, ајде да повториме. Или прв пат да се соочиме со тема што во школо, на час по историја можно е да не ни ја ни спомнале.

Замисли си бркаш работа и си живееш нормален живот во твојата земја. И замисли една вечер, после долго време клокотење и гласини дека се спрема нешто страшно (но ни одблиску не се знае колку всушност страшно може да биде), твојата населба да ја опколи војска. Да те извади од дома, да ти ја пљачкоса куќата и да те товари на воз сосе деца и баби и да те однесе во логор и да те у б и е.

Сосе истите деца и баби.

Ова е судбината на 6.000. 000 (со букви: шест милиони) Евреи во Втората светска војна.

И ова е судбината на 7.762 (со букви: седум илјади седумстотини шеесет и двајца) Евреи од Македонија.

Од светската бројка, некои успеваат да се спасат.

Од нашата бројка - ниеден.

Уште неизлезени од дома им ги пљачкосуваат куќите. Им викаат со себе да ги земат сите вредни предмети, скапоцености и пари.

По пат им ги земаат и тие.

Да повториме, наши сограѓани, македонски Евреи.

Ги носат во логорот Треблинка и ги убиваат сите.

Кој тоа ги носи?

Бугарската власт.

Пред некој да рипне да урла дека „денешна Бугарија не е фашистичка“ - не е, де. Еве, нема ни да навлегуваме во политичкиот спектар на Бугарија во март, 1943 година. Ама, Евреите од Македонија ги депортира во Треблинка да бидат сништени токму - бугарската влада.

Сега кога ги втемеливме овие неоспорливи податоци во текстот, да се вратиме на нашите одземени Евреи.

Чиј одземен имот, патем, во 2006 бил проценет на 16 милиони долари.

Според официјални податоци, и според списокот што бугарската влада го бара од формираното Комесарство за еврејски прашања, освен во Скопје, еврејско население има во: Куманово, Прешево, Удово, Гевгелија, Крива Паланка и Бујановац.

Собраните податоци покажувале дека во 1941 година во Скопје имало 1.181 семејства со 3.795 члена, во Битола имало 810 семејства со 3.351 члена, во Штип 140 семејства со 551 члена, во Куманово 7 семејства со 17 члена, во Гевгелија 3 семејства со 11 члена, во Велес имало 2 семејства со 8 члена, во Крива Паланка 1 семејство со 5 члена, а во останатите места 6 семејства со 28 члена. Станува збор за вкупно 2.150 семејства со 7.762 члена.

Повторно, според официјални податоци:

Фашистичките влади на Бугарија и нацистичка Германија во тајност ги водат преговорите за предавање на еврејското население од окупираните бугарските територии на Германците. На 22 февруари 1943 година во Софија се потпишува спогодба за иселување на 20.000 Евреи од териториите окупирани од страна на Бугарија, односно од Тракија и Македонија. Спогодбата била потпишана од Александар Белев, комесар на Комесарството за еврејски прашања при Министерството за внатрешни работи и народно здравје во Софија и oд германскиот капетан на заштитните одреди (СС-дивизии) Теодор Данекер. Спогодбата е донесена по одобрување на Министерскиот совет на Бугарија.

За да не се чини како „нафрлени информации“, да го погледнеме ова низ бројки, луѓе и возови:

Во спогодбата се утврдени појдовните железнички станици, и тоа:

  • од Скопје 5.000 лица во 5 воза
  • од Битола 3.000 лица во 3 воза
  • од Пирот 2.000 лица во 2 воза
  • од Горна Џумаја 3.000 лица во 3 воза
  • од Дупница 3.000 лица во 3 воза
  • од Радомир 4.000 лица во 4 воза

Постојат некакви левел-чаршиски муабети, дека Бугарија ете, „направила беља“ со македонските Евреи, но затоа бар ги спасила во голема мера своите Евреи.

Сепак, податоци постојат и за тоа. Не била бугарската власт така Шиндлеровски мудра. Напротив, и патем, повторно официјални и официјално достапни податоци:

Во телеграмата од 4 април 1943 година од Ото фон Рибентроп, министер за надворешни работи на нацистичка Германија, испратена до Германската легација во Софија за разговорите во Берлин со царот Борис за еврејскиот проблем во точка 4 се вели

„...Царот изјави дека досега дал согласност за иселување во Источна Европа само за Евреите од Македонија и Тракија. За Евреите од самата Бугарија тој сака да се иселат само еден мал број болшевичко-комунистички елементи. Другите 25.000 Евреи ќе ги собере во концентрациони логори во земјата, зашто има потреба за градење на патишта. Не се задржав на изјавата на царот и се задоволив со тоа што му истакнав дека според наше мислење, само радикалното решение е единствено вистинско решение на еврејското прашање…

Ова не е ни ново ни невидено. Со ваква бескрупулозна незаинтересираност се дискутирале животите на сите шест милиони (11 милиони, ако се сметаат и останатите жртви).

Но, она што ние како нација не смееме да си дозволиме да го заборавиме е дека и за нашите се разговарало со истата бескрупулозна незаинтересираност.

А денес, споменот на нивните животи се отфрла како неважен статистички податок, во обид да се - што? Нејасно е. Јасно е само дека од неукост, неинформираност, незнаење, злоба, лични интереси, или сѐ горенаведено, некој свесно, макијавелистички одлучува дека овие 7.762 души не се толку битни кога се работи за иднината.

А некој друг молчи и не реагира.

Но, понатаму, да одиме во детали:

Комесарот за еврејски прашања издава и „Правилник за организација и функционирање на привремените концентрациони логори“. Правилникот однапред предвидува исклучително нехумани постапки. Некои од членовите на Правилникот се наведени подолу:

  • Во член 7 од Правилникот се предвидува дека користењето на клозетите се врши групно во придружба на чуварите.
  • Според член 10 се забранува палење печки или внесување мангал - без греење во зимата 1943 година која била исклучително студена.
  • Во член 13 од Правилник се вели дека на притворените им се остава само покривка, облека и храна, сè друго им се одзема.
  • Со член 18 се забранува гледање преку прозорците, нивно отворање, пишување писма и читање весници.
  • Во член 25 се предвидува храна двапати дневно, а за децата до 10 години трипати дневно, итн.

Замислете го вие тоа зло.

Не се ни случувало „некаде таму, којзнае каде“ - во Скопје било. Зградите на Државниот монопол биле приспособени бидејќи биле блиску до железничката станица и биле погодни за транспорт. За логорите на смртта не се знаело ништо. Само се знаело дека Евреите ќе бидат испратени на принудна работа.

Уште малку бројки:

Меѓу 7.215 души што беа затворени во магацините на Државниот монопол имало:

  • деца до 3 години: 539
  • деца од 3 до 10 години: 602
  • деца од 10 до 16 години: 1172
  • старци преку 60 години: 865
  • тешки болни врзани за постела: 250
  • бремени жени кои се породиле во логорот: 4
  • при самото пристигнување во логорот починале: 4

И датуми:

Од страна на германските и бугарските фашистички органи, депортирањето на Евреите од Македонија било организирано во три етапи:

  • Првиот транспорт со скопски Евреи започнал на 22 март 1943 година.
  • Вториот транспорт започнал на 25 март со дел од скопски, сите штипски и група битолски Евреи.
  • Третиот транспорт започнал на 29 март со околу 2.500 души.

Во извештајот на Германската легација во Софија до Главната царска управа за безбедност и работи за иселувањето на Евреите од Бугарија се наведува дека се иселени 7.122 лица македонски Евреи.

Ова го има признаено еден бугарски претседател, Георги Прванов:

„Додека оправдано се гордееме со направеното за да ги спасиме Евреите, не треба да заборавиме дека во исто време во Бугарија имало антисемитски режим и не треба да бегаме од одговорноста за судбината на повеќе од 11.000 Евреи кои биле депортирани од Тракија и Македонија во логорите на смртта.

и

„Ние преземаме историската одговорност за смртта на Евреите од Тракија и Македонија.

Оваа изјава д-р Нисим Јоша, водач на македонските Евреи во Израел, ја оценува како „голем успех и чекор напред“, но додава дека неговата организација би сакала Бугарија и официјално да се извини, како што тоа го направил претседателот Жак Ширак за депортација на 75.000 француски Евреи за време на војната.

Уште чекаме.

И кога Македонија конечно реши да се сети на своите Евреи и да го отвори Меморијалниот центар на холокаустот, да изложи фотографии, писма и лични предмети на убиените Евреи, да се соочи со минатото и да направи споменик на еден ужасно болен период, еден бугарски историчар, Георги Марков, тоа го нарече „антибугарска кампања“.

Како на нас некогаш да ни било гајле за Бугарија. Ко да нѐ интересирале. Ко да сме имале богзнае какви допирни точки со нив.

Нема никаков проблем во градење иднина и закопување ратни секири.

Ама бришење на историски податоци за на некој „да му биде поудобно“, и тоа на ваква огромна тема - няма начин.

Сега знаете.

**********

Види и:

Борисов, и нас особено нè заболе

26 ноември 2020 - 12:04