На Трамп сите му се криви (сосе Меланија) за резултатите од меѓуизборите

Откако во средата не се случи очекуваниот „црвен бран“ и создавање на републиканско мнозинство во Конгресот, на Доналд Трамп сите му се виновни, посебно луѓето кои го туркаа Оз за кандидат во Пенсилванија. Меѓу нив и Меланија.

Трката за Сенатот уште не е одлучена, но е далеку од ветената доминантна победа на републиканците. Изразито разочарување е Оз, кој беше поразен од демократот Џон Фетерман.

„Трамп навистина е бесен утрово, посебно околу Мехмет Оз, и ги обвинува сите кои го советуваа да го поддржи Оз - вклучително и неговата сопруга, порачувајќи дека тоа не било нејзина најдобра одлука,“ пренесува новинарката на Њујорк тајмс, Меги Хаберман, позната по својот пристап до луѓето блиски на Трамп.

И покрај тоа што Оз има нула политичко искуство и цела година заостануваше зад партискиот противкандидат Дејв Меккормик, Трамп сепак му ја даде својата поддршка на телевизискиот доктор.

„Треба да се запамети дека Трамп е возрасен маж кој го поддржа Оз и покрај противењето на некои од своите најблиски луѓе, и наместо тоа не само што го поддржа туку и јавно го нападна Дејв Меккормик (партискиот противкандидат) од говорницата на еден митинг,“ пишува Хаберман.

Наводно по резултатите од меѓуизборите, се повеќе блиски луѓе го советуваат Трамп да го откаже најавеното објавување на големото соопштение закажано за следната недела, но од друга страна проблемот е што тоа би можело да се смета за негово признание „дека вчера беше ранет, нешто што неговите советници тврдат дека не е точно.“

Кандидатите поддржани од Трамп кои беа во тесни трки низ целата земја или изгубија или далеку заостануваа зад другите Републиканци во своите сојузни држави, а аналитичарите ги прогласија меѓуизборите за „брутална ноќ за политичкиот бренд на Трамп.“

10 ноември 2022 - 15:36