Многу веројатно, речиси сигурно, Путин има работено Трамп да стане претседател на САД

Под наслов кој личи како да е напишан со многу адвокатски надзор „Документите од Кремљ изгледа дека го покажуваат планот на Путин да го стави Трамп во Белата куќа,“ Гардијан објавува дека стигнал до документи кои покажуваат дека Русија водела операција за мешање во американската демократија.

„Владимир Путин лично ја одобрил операцијата на тајна шпионска агенција за поддршка на 'ментално нестабилниот' Доналд Трамп на американските претседателски избори во 2016, за време на затворен состанок на Рускиот совет за национална безбедност, покажуваат документи што се сметаат за протечени од Кремљ,“ пишува Гардијан.

Состанокот се случува на 22 јануари 2016, а освен Путин на него присуствуваат директорите на руските разузнавачки агенции и одредени министри.

Сите се согласни дека Белата куќа на Трамп ќе помогне во осигурување на стратешките интереси на Москва, меѓу кои и „социјални немири“ во САД и слабеење на преговарачката позиција на американскиот претседател.

Во декрет „кој го носи потписот на Путин“ на три руски разузнавачки агенции им е наредено да најдат практични начини за да се поддржи Трамп. Во овој период Трамп веќе има најголеми шанси да ја добие кандидатурата од Републиканската партија.

Околу автентичноста на документите Гардијан пишува дека се верува дека западните разузнавачки агенции веќе неколку месеци знаат за документите и дека внимателно ги истражуваат. Самиот Гардијан напоменува дека документите „претставуваат сериозно и крајно невообичаено протекување од Кремљ.“

Тие ги имаат покажано документите и на независни експерти според кои „тие личат дека се автентични“. Ваквиот заклучок се базира на тоа што одредени случајни детали во нив изгледаат автентично, а севкупниот тон на документите е конзистентен со безбедносното размислување на Кремљ.

Еден од документите го оценува Трамп како „најперспективен кандидат“, а во психолошката проценка тој е опишан како „импулсивна, ментално нестабилна и небалансирана индивидуа која страда од комплекс на инфериорност“.

Во документите се потврдува и тоа дека Кремљ поседува компромитирачки материјали за идниот претседател на САД од „претходните неофицијални посети на територијата на Руската федерација“. Деталите околу ова се содржани во анекс, кој не е достапен заедно со другите документи.

И во официјалните документи на Кремљ се потврдува дека во јануари 2016 имало состанок за Националниот совет за безбедност, на кој освен Путин присуствувале и Медведев, Шојгу, Лавров и првите луѓе на уште неколку разузнавачки агенции. Според соопштението за јавност, на состанокот се разговарало за економијата на земјата и за Молдавија.

Автор на потечениот документ е Владимир Симоненко, висок функционер одговорен за експертскиот оддел на Кремљ, кој изготвува аналитички материјали и извештаи на Путин.

„Во документите се наведни повеќе мерки што Кремљ би можел да ги преземе како одговор на тоа што го гледа како непријателски акт од Вашингтон. Тие изложуваат неколку американски слабости, меѓу кои 'продлабочување на јазот меѓу левицата и десницата', 'медиумскиот информативен' простор во САД, и анти-естаблишмент расположението за време на владеењето на Барак Обама.

Во документот не е наведена Хилари Клинтон, противникот на Трамп на изборите 2016. Меѓутоа споменува ангажирање на медиумски ресурси за поткопување на водечките американски политички фигури,“ објавува Гардијан.

Неколку недели по состанокот на советот хакери на ГРУ (руското воено разузнавање) упаднаа во серверите на Демократската партија и последователно објавија илјадници приватни мејлови во обид да и наштетат на кампањата на Хилари.

Од Кремљ комплетно ја отфрлаат содржината на документите, нарекувајќи ја целата сторија „големи евтини приказни“.

15 јули 2021 - 15:35