Феноменот Ангела Меркел

Во неделата Меркел стана единствениот европски политичар што е реизбран по финансиската криза, а во исто време ја оствари и најуверливата победа за Демохристијаните од обединувањето до денес.

Успешното освојување на третиот мандат до сега им успеало само на Конрад Аденауер и Хелмут Кол.

Уредникот на Гардијан кој во живо на сајтот ги пренесуваше резултатите од изборите, ситуацијата по крајот на гласањето ја опиша како: "Демохристијаните скандираат како публика на фудбалски стадион, социјалдемократите се чешаат по главата, а либералите се прашуваат во што згрешиле."

Виенски Курир пишува: "Во 2002-ра таа се откажа од кандидатурата за канцеларка, сега победува трет пат по ред. Резултатот од изборите е триумф, иако самата Ангела Меркел никогаш не би го изговорила овој збор. Ниту по нејзиниот глас не може да се заклучи колку е исклучителен овој успех - кога им се обрати на симпатизерите по победата. Ретко кога моќта настапувала во така внимателно пакување. Долго време ја нарекуваа девојчето на Кол, за на крај да мора да се помири со прекарот 'Мајка.' Интересно е што медиумите само на жените им даваат такви политички некоректни прекари. Можеби тоа ја покажува и беспомошноста во натпреварувањето со Меркел како политичарка. Меѓутоа оваа недела, жената родена во Хамбург, која во комунистичката ДДР израсна во куќа на свештеник, стана феномен на германската политика."

Коментаторката на италијанска Ла Стампа пишува: "Многумина ја обвинуваат Ангела Меркел дека е без идеологија, дека е превртлива, дека со мешање во дворот на другите партии, им ги превзема гласачите на овие партии. Политичкиот пресврт од 180 степени и планот Германија да се откаже од нуклеарната енергија до 2020-та, по катастрофата во Фукушима, предизвика партијата на Зелените - да пресуши. Има многу вакви примери. Меѓутоа точно е дека таа е научник која на таквите проблеми им приоѓа поинаку отколку традиционалните политичари."

25 септември 2013 - 18:39