Студена војна 2.0: како Русија и Западот се вратија во времето

Многу пати нè лажеа, ни носеа одлуки зад грб, нè ставаа пред свршен чин, ова се случуваше со проширувањето на НАТО на исток, и со поставувањето на воена инфраструктура на нашите граници, порача Путин во 2014, на говорот по руското анектирање на Крим од Украина. За генералите на НАТО во Белгија, ова е моментот кога сфаќаат дека почнува Студената војна 2.0.

Францускиот министер за надворешни работи, изјавува дека "ова е цената што сега ја плаќаат по погрешната проценка која цели две децении им даде чувство на комфор на западњаците."

Британскиот министер за надворешни работи порача дека Западот греши што поверувал дека "падот на Берлинскиот ѕид значел дека светот дошол до момент на идеолошко разрешување дури и по седум децении замрзнато, а понекогаш и застрашувачко комунистичко тоталитарно владеење."

За поранешниот прв човек на МИ6, Џон Суерс, Западот "се движи во ера која е подеднакво опасна, ако не и поопасна од Студената војна бидејќи сега не треба да се фокусираме на стратешките односи меѓу Москва и Вашингтон, туку за разлика од Студената војна сега нема јасни правила меѓу двете земји."

Германскиот министер за надворешни работи е на исто мислење, изјавувајќи "погрешно е да се мисли дека ова е исто како и Студената војна, денешните времиња се поразлични и поопасни."

Вознемиреноста на Западот, и покрај чистата надмоќ, е добро аргументирана и постојано се акумулира. Ако анектирањето на Крим е почеток, а битката за Сирија е најактуелна во моментот, помеѓу има и одлуки од руска страна како:

- Ненадејното укинување на 20 години стариот руско-американски договор за обработка на вишокот плутониум.

- Распоредување на нуклеарни ракети со краток домет во Калининград.

- Распоредување на С-300 и С-400 земја воздух проектили и радар во Сирија.

- Испраќање на носачот на авиони Адмирал Кузнецов во Сирија.

- Најава за повторно отворање на руските воени бази во Куба и Виетнам.

- Поткопување на Западната дипломатија преку соработка со Турција, Египет, Кина и Либија.

Коментарот на сето ова во текстот на Гардијан е дека "единствен заеднички фактор, освен неговата агресија (на Путин), е непредвидливоста, што само ја дополнува неговата слика за самиот себе како господар на политичките интриги." Тие проценуваат и дека Путин постојано се надева да ја искористи западната ранливост предизвикана од тоа што Западот постојано е во состојба на избори (те американски, те британски, те германски, те француски).

Дел од вината за ваквата ситуација што паѓа на Западот е:

- Брзината и обемот на ширењето на НАТО на Исток и кон Балтикот.

- Тоа што Русија беше измамена да ја прифати резолуцијата на ОН за осуда на Гадафи во 2011, за подоцна да сфати дека истата таа резолуција е искористена за промена на режимот.

- Во тоа време Хилари Клинтон како државен секретар сосема малку соработува со Русите околу нивните забелешки. Како последица, од тогаш Русите немаат гласано за хуманитарна акција на ОН.

- Западот ја потцени реакцијата на Путин на потпишувањето на трговскиот договор со Украина, што беше основата за соборување на украинскиот претседател и сето она што потоа следуваше.

Тони Брентон, британскиот амбасадор во Москва од 2004 до 2008, смета дека западот треба да се соочи со реалноста и да се помири дека поствоениот меѓународен систем - "либерална хегемонија" повеќе не функционира, и тој не успеал во Русија и не успева во Кина.

Неговиот став е дека треба да се прифатат границите на западното влијание во 21-от век: "Ќе мора да ги адаптираме нашите амбиции. Можеме да се одбраниме самите себе. Можеме да ги заштитиме нашите интереси. Меѓутоа да им кажуваме на лошите држави како треба да се однесуваат е се помалку и помалку возможно." Што се однесува до Сирија и Блискиот Исток, неговиот став е дека Западот нема многу што може да направи. И дека целта на Путин е чиста победа во Алепо за да може да преговара со САД од позиција на сила.

Целиот текст на Гардијан тука

26 октомври 2016 - 14:02