Кој е глуп а кој само знае што сака?

Во македонските преданија Насрадин Оџа се појавува главно како контратежа на Итар Пејо, како лик кој треба да го зголеми контрастот и да ја прикаже домашната итроштина како супериорна. А Насрадин не бил воопшто глуп, само некогаш му било паметно да се прави таков, колку луѓето да поверуваат дека други се поглупи од него.

Се верува дека Мула Насрадин Оџа живеел и умрел во 13-от век во некој од анадолските градови. Бил мајстор за кратки приказни во кои со малку зборови, но со многу дух знаел да ја опише човековата природа. Една од најпознатите приказни е "Насрадин секогаш прави погрешен избор".

Како мал, Насрадин секој ден одел на пазар каде што просел а луѓето го исмејувале. Секогаш му го правеле истиот трик кој ги засмејувал - ќе му понуделе две парички, едното 10 пати повредно од другото. Насрадин секогаш го одбирал помалку вредното париче.

Обичајот се проширил низ целата провинција и секаде каде што момчето би се појавело за просење, му се исмејувале на неговите погрешни избори. А тој никогаш не се откажувал од помалото париче.

Еден ден човек се сожалил над неговата судбина, го тргнал на страна и му рекол: Кога ќе ти понудат две парички, земи го повредното. Така ќе заработиш повеќе пари и луѓето нема да те сметаат за будала".

"Звучи како добар предлог. Но, ако го земам повредното париче, луѓето ќе престанат да ми даваат пари. Тие веруваат дека сум поглупав од нив. Не знаете колку пари досега имам заработено со истиот трик. Нема ништо лошо да изгледаш како будала, ако си паметен и знаеш што сакаш", му одговорил малиот Насрадин.

15 април 2014 - 08:29