Како и кога се излегува од транзиција?

Наместо да нè загрижи тоа што нашата држава можеби не се наоѓа во една од фазите на некаков си претходно испланиран пат и дека свесно тапка во место, треба да нè охрабри и возбуди тоа што секакви можности ни се отворени. Ако нема мапа за следење, тогаш патот го измислуваме самите.

пишува: Игор Стефановски

Повеќе од 20 години, во Македонија, а и поширокиот регион, зборот "транзиција" се наоѓа меѓу најкористените зборови во дневниот речник. Медиумите, и нашите лидери кои говорат преку нив, го употребуваат тој термин како појаснување и оправдување за скоро сè што се случува во земјата, од политичко-економско-општествената ситуација до секаков вид на пречекорувања и очевидна корупција. Како да ни велат, ,,Ајде сега, транзиција е, тоа е." За жал, ние до одреден степен го имаме прифатено ова како непобитен факт, убедени дека кај и да е, утре задутре, ќе ис-транзитираме низ транзицијава, и сè ќе биде како што знаеме дека може, и треба, да биде.

Кога бев тинејџер, откако се распадна претходниот сојуз на земји, си мислев дека штом толку многу се зборува за транзиција, тоа е сигурно нешто нормално и привремено, како што самиот термин наговестува. Нели, одиме од едно место, точка А, на некое друго (подобро, се надеваме) место, точка Б; треба само да се транзитира. Но, пред некое време, откако после 15 години поминати во Англија се вратив да живеам во родното Скопје, почнав да се запрашувам зошто, иако медиумите го користеа зборот како да знаеја точно што значи, ретко зборуваа за тоа до кога ќе транзитираме и, уште поважно, каде транзитираме(?).

Општо прифатените одговори на овие прашања ни се познати, и би биле нешто како: кога ќе влеземе во ЕУ (за првото); кон систем на функционална пазарна економија и фер и демократско општесвто (за второто). Но, овие се премногу брзи и едноставни, би можело да се рече одгоре наметнати одговори кои автоматски го затвараат просторот за дискусија, убедувајќи нè дека само треба да почекаме уште малку бидејќи чекориме по вистинскиот пат, кој е наводно јасно видлив пред нас. Но, после 23 години поминати во мошне нејасен ќорсокак, можеби е крајно време за отворена и сериозна дискусија околу што всушност претставува "транзиција".

Според тоа што го имаме видено досега, би можеле да заклучиме дека посакуваната крајна дестинација на оваа транзиција е систем во којшто платите на обичните граѓани ќе бидат помали или исти како нивните месечни давачки. Општество во кое ќе се живее за да се работи, а не работи за да се живее. Систем којшто наместо активни "граѓани" посакува послушни "потрошувачи", чии животи треба да се стремат главно кон купување на поголем телевизор, понова кола или подобар мобилен телефон.

Тој вид на општество го знам многу добро, после 15-те години поминати во Англија, кадешто владее индивидуализмот и се живее скоро без маала и без заедници. Таму првите неколку години не знаевме ни како се викаа нашите соседи, иако одвреме навреме ќе ги видевме на пет метра од нас во малите споени бавчи позади куќичките. Такво време доаѓа, а и во некои места е веќе дојдено, кај нас. Поголеми и подебели врати, со брави што се заклучуваат на четири различни места, полека ги заменуваат вратите што порано беа отклучени или отворени. А внатре живеат истите луѓе.

Мене, а и верувам и на многу други, ми е преку глава од зборот "транзиција". И не само бидејќи сум сведок на тоа што има направено досега, туку и бидејќи пред некоја година, пишувајќи на темата, разбрав дека всушност целата идеја ни е погрешно претставена. Во својот есеј, Крај на Транзициската Парадигма, Томас Каротерс, еден од најреномираните експрети за меѓународни односи и демократија, пишува дека во повеќето транзициски земји најчесто владее еден од два видови систем, кои тој ги нарекува "Политика на доминанта моќ" и "Неспособен плурализам". Според мене, неговото појаснување за овој втор вид на систем толку прецизно и концизно ја опишува Македонија од своето осамостојување што заслужува да биде цитирано во целост:

,,[држави со неспособен плурализам] имаат значителни количини на политичка слобода, редовни избори, и алтернација на моќ помеѓу навистина различни политички групации. Но, и покрај овие позитивни карактеристики, сепак, демократијата е плитка и проблематична. Политичкото учество, иако широко распространето за време на избори, не се протега подалеку од дејството на гласање. Се чини дека со секоја промена на власт само се префрлаат проблемите на земјата од една неспособна страна на друга. Политичките елити од сите големи партии се на широко перцепирани како корумпирани, само-заинтересирани, нечесни, и не сериозни во врска со тоа што го работат за својата земја. Граѓаните се сериозно незадоволни од политиката и се крајно разочарани со политичкиот живот во земјата. Генерално, политиката се гледа како застоена, корумпирана и доминирана од елита која обезбедува малку добро за земјата и затоа заслужува исто толку почит. А државата останува упорно слаба. Економската политика е често лошо замислена и реализирана, додека економските резултати се често лоши или дури бедствени. Социјалните и политичките реформи се на сличен начин бледи, а различните влади не се во состојба да направат значителен напредок на повеќето главни проблеми со кои се соочува земјата, од криминалот и корупцијата, до здравјето, образованието и општествената благосостојба во глобала."

Заклучокот на Каротерс е дека после толку години, веќе станува јасно дека терминот "Транзиција" (измислен со одреден степен на ароганција од страна на неолибералните западни економски сили) не е соодветен за она што се случува во некои транзициски земји, бидејќи тие едноставно никаде не транзитираат. Тие немаат ни намера да направат такво нешто; се имаат одвоено од замислената права линија помеѓу централната и пазарната економија, и свесно живеат во постојана состојба на транзиција, без многу волја да чекорат напред, ни надеж дека можат да стигнат до подобро место.

Во овој контекст, ако за момент прифатиме дека нашата земја не оди по права линија кон некаков друг систем, туку дека си има измислено сопствен, не само што паѓа во вода идејата дека Македонија чекори кон подобра иднина за своите граѓани, туку се поставува прашањето: ,,Ако не транзитираме, тогаш што правиме и каде одиме?" Одеднаш, наместо прашањата ,,кога ќе заврши?" и ,,каде оди?" транзицијава, станува поважно да се запрашаме дали всушност Македонија воопшто транзитира и дали сегашниот општествен поредок е веќе нашата крајна дестинација(?).

Можеби затоа, наместо "Транзиција" Каротерс го препорачува како посоодветен терминот "Трансформација", кој остава простор за специфичностите на транзициските земји и не наговестува линеарен пат со јасен крај. Овој термин е сега прифатениот стандард. Германската фондација Бертелсман Штифтунг веќе со години објавува Индекс за Трансформација, кадешто за 2014-та година Македонија се наоѓа на респектабилното 27-мо место од 129 земји. Но, фактот што Индексот опфаќа повеќе од 60% од земјите во светот укажува дека транзиција/трансформација е светската норма, и дека често поставуваното прашање кај нас ,,До кога вака?" можеби треба да се замени со афирмацијата ,,Вака е".

Но, наместо да нè загрижи тоа што нашата држава можеби не се наоѓа во една од фазите на некаков си претходно испланиран пат и дека свесно тапка во место, треба да нè охрабри и возбуди тоа што секакви можности ни се отворени. Ако нема мапа за следење, тогаш патот го измислуваме самите. Сепак, за да го направиме тоа треба да се соочиме со тоа дека нашиот престој во оваа постојана транзиција не е случајна, туку намерна. Моќниците во оваа држава, а и тие однадвор што ги тегнат подебелите конци, ја оддржуваат оваа состојба бидејќи со сиромав, уморен и уплашен народ најлесно се манипулира.

Така што, не треба да очекуваме вистинската трансформација да дојде од горе. Мојот свекор ми кажа за еден бугарски министер кој пред некоја година, на новинарското прашање ,,кога ќе биде Бугарија како Германија?" одговорил ,,кога ќе дојдат тука да живеат Германци". Иако ова можеме да го сфатиме како шега, сепак знаеме дека секој виц соддржува одреден степен на вистина. Не можеме да очекуваме работите да се променат преку ноќ ако ние самите не се погледнеме во огледало и станеме дел од таа промена којашто сакаме да ја видиме. Можеби ние сме тие што треба да се трансформираме. Можеби оваа ,,транзиција" е најмногу во нас, во нашиот морал и нашите кодекси на однесување, а не само во некојси големи политичко-економски структури кои никако да из-транзитираат до крај.

Како што велеше големиот Бил Хикс, можеме да го промениме тоа што ни се случува кога и да посакаме. Сè што треба да се направи е избор, тука, сега, помеѓу страв и љубов. Силите на стравот нè убедуваат дека треба да ставиме посигурни брави на вратите, да се вооружиме и да се изолираме во материјалистичката треска, додека љубовта верува дека сите сме дел од една целина, една мирољубива енергија. Тоа што сакаме да бидеме е до нас, и не смееме да дозволиме други да одлучуваат за нешто што ние можеме да го контролираме. Кога бев помлад, едвај чекав да ,,транзитираме", но сега знам дека работите напредуваат само кога ќе се трансформираат.

12 ноември 2014 - 16:49