Колумнизмот на Владимир Путин

Конзервативците бесни што Њујорк Тајмс отстапил место на руски претседател да им соли памет за Сирија. А Путин одамна им фрла коски на западните медиуми кои овие со задоволство ги објавуваат. Што да се прави кога човекот пишува добро.

Огромното внимание кое во западниот свет ја предизвика колумната на Владимир Путин за Њујорк тајмс првенствено се должи на две причини: тоа што се однесува на во моментов најжешкото прашање на планетава - Сирија, и што е напишана во секогаш интригантната форма на обраќање до американскиот народ.

Може само да се претпоставува дали рускиот претседател сам ги пишува колумните (седнат ноќе на лаптоп сам во дневна, облечен во џудо кимоно, по смс ја прашува бившата кај е "ѓ") или во тоа му помагаат стручни служби. Се знае само дека за брусење на рускиот државен имиџ во западните медиуми големи милиони зема американската ПР компанија Ketchum која работи и за Газпром. Токму оваа компанија го има направено договорот со Њујорк Тајмс да му отвори ад-хок бавча на Путин.

Конзервативците збеснаа што нивниот највлијателен весник му отстапува простор на Путин за своја политичка пропаганда. "Про-Асад силите веќе не мора да ни ги хакираат медиумите, ние сами тоа го правиме," гласеа некои нивни реакции на Твитер.

А за Путин ова не е ништо ново. Пишувал тој и за Вашингтон Пост, Вол Стрит журнал, Форин полиси како и за самиот Тајмс уште во 1999-та година, кога сè уште беше премиер и уште не беше станат врховен господар на Русија.

Сега медиумите на Запад му наоѓаат недоследности во тезите, споредувајќи го мирољубивиот апел за Сирија со неговите ставови за употребата на сила кога се работи за руско прашање.

Во новата, Путин инсистира на дипломатско решение велејќи дека воената интервенција ќе нанесе само ново зло кое може да се прошири.

Во 1999-та година, во Тајмс:

"За жал, само решителна воена интервенција може да спречи натамошни жртви и страдања на цивилите окупирани од терористите (мисли на Чеченија и Дагестан - наша заб.)

Денес, 2013-та:

Без разлика колку се прецизни нападите или колку е софистицирано оружјето, цивилните жртви се неизбежни, вклучувајќи стари луѓе и деца, кои нападите би требало да ги заштитат.

Пред 14 години:

Американските власти ни кажуваат дека обичните луѓе страдаат а нашите воени напори го зголемуваат тоа страдање. А вистината е поинаква. Нашите команданти имаат јасни инструкции да се избегнуваат жртви меѓу цивилното население.

Денес, 2013:

Мораме да престанеме да го користиме јазикот на силата и да се вратиме на патот на цивилизирани дипломатски и политички решенија.

Само една година порано, во Foreign Pоlicy, објаснувајќи зошто Русија и натаму инсистира на силна и робустна армија:

Русија не може да се потпре единствено на дипломатски и економски мерки во решавање на конфликти.

Колку што ние следевме реакции, најмногу живци на колумната искина Гари Каспаров.

 

13 септември 2013 - 09:11