Како СССР го претрка САД до Месечината

Трката за Месечината започнува многу години пред првите стапки и првите цитати на Нил Армстронг, и сето ова едно време изгледа како Советите комплетно да ги имаат поразено Американците.

Иако наративот околу вселенските успеси на Земјата се фокусира на тоа дека САД први успеваат да однесат човек на Месечината, советската Луна 9 станува првото вселенско летало создадено од човек кое успешно слетува на Месечината, и тоа на 31-ви јануари 1966-та, 3 години пред мисијата на Аполо 11.

Идејата за носење човек на Месечината е многу постара од трката меѓу СССР и САД. Како ваква идеја таа некаде во средината на 19-от век почнува да се придвижува од научно-фантастичната литература, во светот на науката. Најголемо влијание има книгата на Жил Верн "Од Земјата до Месечината" која инспирира генерација научници да размислуваат можниот вселенски лет. Еден од овие е Австриецот Херман Оберт, чија работа со ракети на течно гориво е инспирација Вернер вон Браун, човекот кој ја развива Сатурн 5 ракетата, со која астронаутите стигаат на Месечината.

Неколку децении понапред, во 1958 година и Советите и Американците го одобруваат започнувањето на вселенска програма.

Американците и даваат дозвола и на Авијацијата и на Армијата да започнат со изградба на свои летала за стигнување до Месечината кои на својот пат треба да фотографираат. Авијацијата ги има Пионер 1 и 2, Армија ги има Пионер 3 и 4.
За разлика од нив Советите прават 4 летала со сосема различни намени: Ye -1 за колизија за Месечината, Ye-2 и Ye-3 за фотографирање на далечната страна на Месечината, и Ye-4 за колизија со Месечината со нуклеарна експлозија.

По ова и двете страни имаат неколку неуспешни лансирања, и се сведоци на експлозии и хаварии на своите летала. На двете страни уништени се речиси десетина летала.

На почетокот од 1959, советската Луна 1, со редизајн од Ye-1, стига до Месечината по 34-часовен лет. Инструментите на леталото собираат податоци дека Месечината нема магнетно поле. Луна 1 успева да се смести во орбита некаде меѓу Земјата и Марс. Два месеца подоцна американскиот Пионер 4, од далеку ја одминува Месечината и не успева да направи добри фотографии.

Кон крајот на истата година СССР успешно ја лансира Луна 3 мисијата, која испраќа Ye-2 летало кое стига до далечната страна на Месечината и успева да ги испрати првите фотографии од таму. На Американците првата слика од Месечината им ја испраќа Ренџер 7, на 31-ви јули 1964-та.

Кон средината на 60-те двете страни повеќе се интересираат за слетување на Месечината отколку само за летови до неа, НАСА ја започнува Сурвејор програмата, од која подоцна излегува Аполо програмата, а СССР продолжува со Луна.

Почнувајќи од Луна 4, па 5, 6, 7 и 8, СССР се обидува да го слета своето летало на Месечината. Овој пат се користат Ye-6 леталата. Ниту една од овие мисии не е успешна.

На 31-ви јануари 1966-та, од Бајконур, на ракетата Молња е лансирана Луна 9. Три дена подоцна на 3-ти февруари над Месечината, летало го активира својот погон за забавување на падот на Луна 9 кон површината. На 5 метри од површината, сензорот сигнализира дека допрел тло, по што капсулата за слетување е исфрлена од главното летало. Слетува со 20 километри на саат, отскокнува неколку пати и застанува.

По 4 минути се отвораат четири ногарки кои треба да ја стабилизираат капсулата, антените се на позиција за пренос, и се вклучува телевизиска камера, која ја снима околината. Во следните 8 часа и 5 минути се испраќаат фотографии до Земјата со панорамски снимки од површината на Месечината. Мисијата завршува три дена подоцна кога ќе се потрошат батериите на леталото.

Луна 9 е само уште еден историски вселенски успех на СССР, заедно со лансирањето на првиот сателит и првиот човек во вселената.

"На почеток Советскиот Сојуз посветуваше ресурси во својата вселенска програма за да биде пред САД. Меѓутоа советското раководство не можеше да најде доволно силна цел за до крај да се посвети на ова, како што тоа го стори американскиот Конгрес со слетувањето на Месечината. Со се послабото раководство и распределбата на ресурсите меѓу различни агенции, СССР почнува да заостанува зад САД, со што Луна беше еден од последните вселенски први успеси на Советите," пишува Ејми Шира Тајтел во текстот за Дејли Бист.

30 јануари 2016 - 17:45