Германија меѓу „добродојдосте мигранти“ и „бидете раат Евреи“

Како што земјата почна да вдомува милиони мигранти од делови од светот во кои мразењето Евреи е речиси уставно загарантирано право, така почнаа и да растат тензиите кои не дека ќе тргнат накај смирување.

„Од разбирливи причини Европејците се далеку покомфорни во осудување на познатиот анти-семитизам на крајната десница, отколку оној што го изразуваат мигрантите кои влегуваат во Европа како жртви на војна и економска истоштеност. И никаде ова не е поголемо прашање отколку во Германија.

До ниво кое се нема повторено во ниту една друга држава Германија се конфронтираше со своето ужасно минато со искреност која заслужува почит,“ пишува Џејмс Кирчик во Атлантик.

Напнатоста (за сега) кулминираше со улично видео од Берлин во кое млад Евреин што носи кипа, е нападнат од сириски мигрант кој бара азил во земјата. Меркел го осуди инцидентот како „срам“, викендов илјадници Германци маршираа низ неколку градови носејќи кипа, а некои муслиманки ја ставија капата врз својот хиџаб.

Од друга страна нападот не треба да изненадува ако се им предвид дека анти-семитизмот е дел од секојдневната пропаганда во земјите од кои доаѓаат бегалците, или на пример додека негирањето на холокаустот во Германија се казнува со закон, тоа е распространето низ сите муслимански и арапски земји на Блискиот исток.

„Секако би било погрешно да се претпостави дека секој сириски бегалец има анти-семитски ставови... ама подеднакво е погрешно да се негира дека многумина се под големо влијание од анти-семитската околина во која пораснале,“ пишува Кирчик.

Неговата процена е дека голем број Германци уплашени дека ќе изгледаат рамнодушни кон страдањето на муслиманите бегалци, одлучија да ги пречекаат мигрантите без да размислат како тоа ќе влијае на нивните сограѓани Евреи.

Дури и поранешниот германски претседател, Јоахим Гаук, минатата година по завршувањето на мандатот призна дека е „преплашен од мултикултурализмот“ додавајќи:

„За мене е срамно... кога анти-семитизмот меѓу луѓето од арапските држави се игнорира или се прогласува за разбирлив ако се имаат предвид политиките на Израел.

Или пак ако критикувањето на исламот одма се сомничи дека потекнува од расизам или омраза кон муслиманите.“

Слично беше и со Меркел, која чекаше до февруари 2018 за прв пат јавно да ги спомне „забранетите зони“, доминантно муслимански населби низ цела Европа, со висока стапка на криминал, во кои државните власти се плашат да влезат „и чие постоење остро е негирано од либералите како исламофобична реакција.“

„Такви зони постојат и некој мора да ги нарече со вистинско име и да направи нешто околу нив,“ порача Меркел.

Неколку дена пред ова, на Денот на сеќавање на жртвите од холокаустот, Меркел порача „незамисливо е и срамно е што ниту една еврејска институција не може да егзистира без полициска заштита, без разлика дале е училиште, градинка или синагога.“      

Во 2015, еден месец откако Меркел одлучи да вдоми 1 милион претежно муслимански мигранти, четирите главни разузнавачки агенции објавија заеднички извештај во кој се песимисти околу способноста на Германија да асимилира толку многу дојденци и предупредуваат:

„Увезуваме исламистички екстремизам, арапски анти-семитизам, национални и етнички конфликти на други луѓе како и различно разбирање на општеството и законите.“

Кирчик цитирајќи го европскиот заменик комесар Франс Тимерманс, објаснува дека луѓето што во 2015 - 2016 влегуваат во Европа и Германија во најголеми дел не се бегалци туку економски мигранти што бараат работа. Дури и тие што легитимно бараат статус на бегалци не бегаат од директна опасност, туку од бегалски кампови на О.Н. во земји како Либан, Јордан и Турција, „такви места секако не се идеални, ама тие не претставуваат места на прогон, војна и насилство од државата, што се легалните стандарди за утврдување на статусот бегалец.“

Последица на одлуката на Меркел, која инаку се смета за нај про-израелскиот канцелар на Германија, за „отворање врати“ е и подемот на анти-имигрантските, анти-НАТО и слични партии низ целиот континент, „а нејзиниот избор веројатно и ја навали вагата во корист на брегзит.“

На домашен терен ова се одрази во подемот на Алтернативата за Германија, партија која во 2013 не можеше да припари во Бундестагот, за минатата година, по 4 години билдање на сите крајно десни позиции да стане првата крајно-десничарска партија што влегла во германскиот парламент во изминатите 60 години. Инаку партијата нема никаква двојба околу овој проблем и таа подеднакво мрази и Евреи и муслимани.

Во 2015 германски разузнавач за Велт ам зонтаг предупредува дека ќе дојде до ова:

„Ние создаваме екстремизам преку имиграција.

Меинстирм граѓанското општество се радикализира бидејќи мнозинството не сака мигранти а се присилени на тоа од политичката елита.“

На пример во Унгарија премиерот Виктор Орбан кој цела ЕУ го кити со етикети како краен-десничар и националист, доби поддршка од ликови како Ѓорѓ Конрад, Евреј што го има преживеано холокаустот, еден од најпознатите живи писатели на земјата, и еден најгласните критичари на премиерот. Уште во 2012 Конрад за Њујорк тајмс изјавува дека Орбан ја претворил земјата во „ѓубре демократија.“ Меѓутоа позицијата на Конрад се менува по мигрантската криза во која унгарскиот лидер реши да не попушта во своите ставови, противејќи се на напливот бегалци и градејќи огради за да го спречи нивното влегување во земјата.

„Боли да се признае, ама Орбан за оваа работа беше во право,“ изјави Конрад во поново интервју за Њујорк тајмс во кое и понатаму држи до своите претходни критики за Орбан и за начинот на кој ја води Унгарија.

Ставот на Кирчик е дека како што не е разумно ниту хумано комплетно да се затворат границите на Европа, така не е разумно ниту хумано да се прими неограничен број луѓе чии култури и вредносни системи се толку фундаментално различни од оние на домородното население - „и меѓу нив има толку многу кои имаат уверувања што се спротивни на европското пост-холокауст помирување.“

„Земја како Германија ќе мора повеќе да се потруди околу всадување почит кон своите либерално демократски вредности меѓу муслиманските мигранти кои сакаат да живеат таму.

Меѓу тие вредности е прифаќањето на она што значи да се биде граѓанин на држава што го извршила Холокаустот,“ порачува Кирчик.