Престанете да се трудите да им го направите детството 'магично'

Да можеа нашите баби и прабаби видат каков притисок сами си создаваат модерните мајки, ќе мислеа дека полуделе. Од кога да се биде добра мајка значи да трошиш денови и денови смислувајќи слободни активности на децата и да мозгаш како да им понудиш волшебни мигови? "Детството само по себе е магично, олабавете", порачува една мајка.

Не мислам ни за момент дека денешните мајки си ги сакаат повеќе нивните деца отколку што нашите прабаби си ги сакале нивните. Ние само сме натерани да го докажуваме тоа преку смешно скапи тематски родендени со 18 вида колачи и скапи подароци.

Со години бев фатена во стапицата на „Сè што можеш ти да направиш, јас можам да го направам подобро", што значи собирање најдобри идеи по Пинтерест, совршено остварувајќи ги а потоа споделувајќи го постигнатото преку фото докази, со туѓинци и пријатели, преку блогови и фејсбук постови.

Набргу ми светна: ние не мораме да им го правиме магично детството на нашите деца. Детството е само по себе магично, дури и кога не е совршено. Моето детство не беше соврешено и ние не бевме ни блиску до богати, но моите родендени беа весели затоа што ми доаѓаа другарчињата. Немаше роденденски пакетчиња, совршени декорации и такви работи. Дувавме балони, трчавме во дворот и јадевме торта. Просто. Но кога ќе помислам на тие времиња, беа магични.

Божиќ. За нас, четирите деца, и со ограничени примања, моите родители купуваа можеби два подарока по дете. Малку декорации, ако воопшто ги имаше. Дури не правевме ни колачиња. Она што ова време од годината за мене беше волшебно е што се стискав во еден кревет со моите браќа мислејќи дека можеме да го чуеме ирвасот на Дедо Мраз на покривот. Беше толку забавно да се остане буден, да се кикотиме заедно, и да го чекаме следното утро. Беше магично. Не мислев дека нешто ми недостасува.

Немам ниеден спомен од правење некакви „рачни работи" со моите родители. Тоа беше нешто што го правев во градинка и во основно. Единствено нешто на што се сеќавам е она што го правеше мајка ми во слободно време. Звукот на нејзината машина за шиење често ме заспиваше, додека таа претвораше остатоци од ткаенина во украси за коса и ги продаваше, или пак крпеше наши алишта.

Дома игравме. Цело време. После школо одевме до дома од автобуската, ги остававме чантите и мајка ми нè бркаше надвор. Трчавме со децата од маало до вечера. Времињата денес се различни и голем дел од нас не се чувствуваат пријатно да ги остават децата да талкаат, но дури и кога бевме внатре игравме со играчки и видео игри. Правевме тврдини од ќебиња. Гледавме телевизија. Се лизгавме по скалите на перници. Нашите родители не беа одговорни за тоа да нè забавуваат. Ако случајно изговоревме „досадно ми е" веднаш ќе ни беше дадена некоја домашна обврска.

Се сеќавам на овие времиња и се смешкам. Ми текнува какво беше чувството безгрижно да се забавуваш.

Моите родители обезбедуваа да ми е топло и да сум нахранета, и од време-на време организираа некаква посебна активност (пица во петок навечер беше традиција кај нас), но во секојдневието, на нас беше да бидеме деца. Ретко играа со нас. Освен тоа што повремено ни даваа празна кутија од фрижидер која ја добиле расходувана од продавница за бела техника, и освен за родендени и големи празници, не ни беа купувани други играчки. Родителите ни беа тука во случај да ни треба нешто или ако има некаква незгода, но не ни беа главниот извор на забава.

Денес, родителите се хранети со идејата дека на децата им годи доколку постојано ги држиме за рака и ги гледаме лице в лице. „Што ти треба миличко? Како да ти го направам незаборавно твоето детство?" Не можеш да припариш на Пинтерест без да се сопнеш од 100 летни идеи за проекти во домот, 200 активности за зима, 600 работи кои можат да се прават со децата во лето. 12 милијарди стратегии за првото запче. 400 трилиони роденденски теми.

Родителите не го прават детството магично. Злоупотребата и негрижата секако можат да го упропастат, но за просечното дете магијата е нешто инхерентно за неговите години. Гледањето на светот низ невини очи е магично. Искусувањето на зима во снег како 5-годишник е магично. Занесот во играње со твоите играчки на подот во дневна е магично. Собирањето камења и нивното чување во џеп е магично. Шетање со стап е магично.

Не е наша одговорност да создаваме измислени спомени на дневна база.

Ништо од сето ова не ја негира важноста на времето минато како семејство, но има огромна разлика помеѓу фокусирањето на тоа да се биде заедно и на контруирањето „активност". Едното е изнасилено и базирано на однапред одредена цел, другото е поприродно и релаксирано. Огромниот притисок кои родителите си го прават на самите себе за создавање незаборавни искуства е видлив на сите страни.

Кажано ми е дека сме биле во Дизниленд кога имав пет години. Не се сеќавам на ова, но сум видела избледени фотографии. Она што го памтам од оваа возраст е пиратскиот костум за Ноќта за вештерките кој го носев гордо, кога берев сливи од дрвото пред мојата куќа, кога намерно предизвикав поплава во задниот двор за да се научам да скокам преку камчиња и играњето со моето куче пред куќа.

Немам убав спомен од одмор за кој моите родителите веројатно штеделе со месеци: одморот сигурно бил многу стресен. „Најмагичното место на Земјата" во моето детство не беше тематски парк; тоа беше мојот дом, мојата соба, мојот двор, моите пријатели, моето семејство, моите книги и мојот ум.

Кога од животот правиме голема продукција, нашите деца стануваат публика и нивниот апетит за забава расте. Дали создаваме генерација луѓе која нема да може да најде убавина во секојдневните мали нешта?

Дали сакаме да ги научиме нашите деца дека магијата на животот е нешто што доаѓа во убаво пакување или дека магијата е нешто што си го откриваш самиот?

Планирањето комплицирани настани, дневни активности и скапи одмори не е штетно за децата. Но ако овие работи се прават под притисок или дури и од убедување дека споменатото е неопходен дел од нечија младост, време е за повторна проценка.

Бани Ладитан, за Хафингтон

***********************

Види и:

Зошто децата од 70-тите досега требаше да бидат мртви?


Не им помагајте на децата во домашното

Учете ги децата да летаат со паметот

7 април 2016 - 09:59