Од Германците ќе се бара да складираат „брашно, зејтин, свеќи“

За првпат по Студената војна, Германија ќе побара од своите граѓани при рака да имаат 10 дневни залихи за недајбоже.

Според извештај на Дојче Веле, кој го цитира неделниот Алгемајне Цајтунг, ова ќе биде прв ваков потег на една германска влада по завршувањето на Студената војна.

Предлогот е дел од владината стратегија за цивилна заштита со која ќе се бара граѓаните при рака да имаат 10 дневни залихи што би ги користеле додека државата не изменаџира некоја вонредна ситуација или катастрофа. Се предвидува во препораките за потребни резерви да се наведат вода, храна, енергија, пари и лекови.

Неколкуте последни напади во Германија (што со мачета, што со огнено оружје или експлозив), како и големиот бран бегалци што државата ги прими (над еден милион луѓе последната година) и сомнежот дека меѓу нив има којзнае колку потенцијални терористи, ја доведоа земјата и нејзините граѓани во состојба на зголемена напнатост и психоза, која одамна ја немаат почувствувано.