Добри родители на ужасни деца

Кога ќе стигнеш до тоа општеството да измисли збор за некоја ситуација, можеш да бидеш сигурен дека имаш проблем. Збор: adultescence - состојба на беспомошност на возрасните деца во Америка.

Проблемот е генерација на Американци со дипломи од 200.000 долари кои се враќаат да живеат со своите родители, 8-годишни деца кои се премногу паметни за да се извлечат од домашни задачи, или мали девојчиња кои ги манипулираат своите родители да им донесат прибор за јадење.

Во текстот во Њујоркер, авторката Елизабет Колбер, заклучува дека главни виновници (и жртви) се "добрите родители," кои сакаат се да направат за своето дете, да бидат подобри родители отколку нивните родители и го "сакаат најдоброто за своите деца," дури и по цена на сопствено измачување.

Таа раскажува како се обидела да ги "доведе во ред" своите деца, прво со тоа што побарала тие да ги носат кесите од автомобилот до куќата. Неколку недели подоцна, едниот од синовите се сопнува, две преполни завршуваат низ целиот двор и целиот неред останува таа да го средува. Вториот обид е со фрлање ѓубре. Неколку недели подоцна еден од синовите заборава добро да ја затвори кантата, по што миризбата привлекла мечка, која направила неред што повторно таа требало да го собира. "Решив дека повеќе немам време за да си дозволам децата да ми помагаат по дома," пишува Колбер.

Таа ја споменува книгата на Памела Друкерман, поранешната новинарка на Вол Стрит Журнал, која се преселува и се мажи во Париз. Во книгата "Bringing Up Bebe" таа раскажува за тоа како ја расте својата ќерка.

"Бин (ќерката) беше детето со најлошо однесување во секој ресторан или парк во Париз. Француските деца немаа проблем да седат мирни за време на 3-часовна вечера, а Бин фрлаше храна пред да ни ги донесат аперитивите," пишува Друкерман.

Додека престојувала во Париз, таа во разговор со тамошните мајки сфатила дека Французинките ги игнорирале децата за нивно добро.

"Француските родители не се загрижени дека ќе им наштетат на децата со тоа што ќе ги фрустрираат. Напротив, тие мислат дека на нивните деца ќе им биде наштетено ако не знаат како да се справат со фрустрација," објаснува американката во Париз.

Таа раскажува за средбата со една мајка, која секогаш чекала пет минути пред да ја земе во раце ќерка и што плачела. Сега, на 3-годишна возраст истото девојче веќе меси колачиња, нешто што Друкерман не може да го замисли од својата ќерка.

Таа исто научила и колку е важно да се каже "не."

"Наспроти американските, француските родители кога ќе речат нешто навистина го мислат тоа. Тие сметаат дека учењето да се справиш со 'не' е клучен чекор во детската еволуција. Тоа ги присилува да разберат дека постојат и други луѓе на светов, чии потреби се подеднакво силни како и нивните," раскажува Друкерман.

Колберт во својата анализа пишува и за двајцата професори по психологија, чие истражување заклучило дека американските деца денес имаат досега нечуена власт.

"Денес родителите се обидуваат да се докажат пред своите деца, сосема спротивно од досегашните идеали дека децата треба да се докажат и да добијат пофалба од родителите," пишуваат Жан Твенге и Кит Кембел.

Сепак, после сите овие (и плус други) примери во есејот, Колбер дава две објаснувања за ситуацијата (по едно за секоја страна). Првото дека ова е чисто еволуциски правилен чекор што не можеме да го избегнеме, другото е дека на децата им фали дисциплина.

25 јуни 2012 - 18:14