Теофил Панчиќ:

Србија, упатство за употреба

Теофил Панчиќ им посакува добредојде на Русите кои бегајќи од војната одбраа да дојдат во Србија но им дава и пар драгоцени потсетувања: овде луѓето ни се браќа сè додека тоа не нè обврзува на ништо конкретно а нај браќа се кога се далеку.

Браќо Руси и сестри Русинки, добредојдовте во Србија!

Се надевам и верувам дека сте добро и убаво сместени - можеби и премногу добро, бар ако ги прашање нашите локални потстанари, кои и немаат многу причини да ви се радуваат. Сега е можеби време да се завртите околу себе и да видите каде тоа сте дошле. 

Нема смисла да се лажеме: идејата за вашето доаѓање овде не тргна од тоа негде да стигнете, туку од некаде да заминете. Поточно, од вашата опширна мајка Русија, која стана мошне заинтересирана за вашите тела и телата на вашите ближни, со ниет да ги инвестира во својата деструктивна авантура во Украина, без оглед на последиците (особено последиците по вас). А пошто вам никако не ви се допадна таа идеја, дел или можеби и цел остаток од животот да го поминете како таква (дубиозна, па уште и опасна) инвестиција, час поскоро тргнавте надвор од границите, не обрнувајќи внимание на тоа каде ќе стигнете, сè додека е тоа нешто што не е Русија. 

Технички гледано, успеавте во она што го бевте наумиле. Искрени честитки. Ова стварно не е Русија. Потешко е, меѓутоа, да се каже што е ова. Многу нешта што ќе ги видите и ќе ги чуете би можеле да ве збунат, можеби и уплашат. 

Ако спаѓате меѓу оние Руси кои „не го сакаат Путин“ - а многу веројатно е да е така, штом сте го напуштиле без поздрав баш сега кога сте му најпотребни - можеби ќе имате проблем со фактот дека значајно мнозинство овде е заљубено во Путин, иако не мора. И иако за Путин и современа Русија речиси ништо и не знае, што веќе е поразибрливо: што помалку за Путин знаеш, толку полесно ти е да го сакаш. 

Не знам дали ова звучи утешно, но збунетоста нема да биде само ваша: домаќините ќе бидат уште позбунети. Овде се смета дека Путин живее во срцето, душата и мозокот на секој Русин а доколку во некој Русин трагови на Путин нема, тој веројатно и не е вистински Русин. Во ред, рускиот му е мајчин јазик, има (само) руски пасош, и (само) руски предци, уредно е русокос и синоок, можеби сака и да си потегне од вотката и сето што оди со тоа, но ако Путин не му се фатил за срце, тогаш е тој само маскиран во Русин, а всушност е којзнае што, најверојатно Украинец: сега оние-кои-не-се-Руси главно се Украинци, а во некои претходни епохи беа бал...пардон, муслимани, Шва...извинете, Германци, или Чиф... нека ми биде простено, Евреи. 

Вашата улога овде е да бидете наши браќа и сестри, и на таа интимизација и фамилијаризација ќе морате да свикнете. Немојте само да ја сфатите погрешно: тоа што ве сметаат за свои нема да ги спречи  да ве одерат каде стигнат, доволно е само да ви ги намирисаат парите. Не, секако не мислам на рубљи. Да, реков дека овде сакаме руско, но мислев само на она нематеријалното (добро, со исклучок на тенковите), додека материјалните работи и мерливи вредности нам ни се подраги кога имаат западно потекло или стигаат дури од далечниот исток. 

Со други зборови, вие сте ни браќа и сестри онака начелно, сè додека тоа нè не обврзува на ништо конкретно. Со вакви роднински односи ние имаме доста искуство: така се однесувавме и кон Србите од посмртните останки на Југославија, кои ни дојдоа овде бегајќи од војната. Додуша тие, за разлика од вас, главно беа сиромаштија, и набрзо почнаа да ни пречат туткајќи се со нас во и онака преполните возови и тролејбуси, а и на сите други јавни места. Излезе дека браќата и сестрите имаат тела кои заземаат простор, и имаат и разни други потреби (јадење, пиење, стан, работа...) на што не бевме сметале додека живееја во телевизорот како безлична маса на „загрозено Српство“. Среќа, вие сте ни род од пофина провиниенција, вас просечниот српски путинофил ќе ве гледа многу поретко. Сепак, тоа нема да го спречи да ве озборува.

Зошто, добога? Затоа што за Русите важи исто што и за Србите: најдобри се и највеќе се браќа кога се далеку. Кога наместо апстрактниот поим ќе станат конкретни луѓе, знаат малку да одат на нерви. Затоа бидете внимателни и не ги нервирајте домаќините кои на првата средба, ќе ве гушкаат и ќе ви се радуваат, на втората средба пристојно ќе ви пружат рака, а на третата веќе малку ќе ве гледаат под око: Што, уште сте овде? И, што има тој од тоа? 

Туку, има уште нешто важно што треба да го знаете во врска со „бегањето од војна“. Оние кои деновиве ви паѓаат на гради нарекувајќи ве браќа, сакаат да гледаат кога некој војува и за него да навиваат. Деведесеттите, тоа беа Срби од остатоците на Југославија, а сега сте тоа вие. Оние што бегаа од војната беа мрски, беа доживувани како бегалци од нешто за кое се судбински предодредени. Како да постои некој таксират, во ѕвездите однапред запишана квота по глава на Србин за војна, па ако не се падне на оние Срби таму, ќе ни се падне нам овде. Слично ќе биде и со вас, чекајте само да им текне зошто сте дојдени. 

Па добро, ќе прашате, што мојот домаќин има од тоа јас негде да војувам и да гинам? Ех, што има. Тешко дека тоа може да се објасни без гусли. Без што? Нема врска, тоа е еден симпатичен преднацрт за музички инструмент. Во основа, се работи за тоа дека треба да правите нешто што некој не би можел или не би смеел, а потоа да има чувство дека тој лично тоа го правел. Хм, кога ќе подразмислиш, нешто слично на улогите на порно глумците. 

Инаку, сè друго е океј. Климата е пријатна (особено после септемврискиот минус во Омск), луѓето се ведри, жените убави. Има и руски јадења, поточно, руска салата. Ја јадеме со ќебапи по родендени и со печење на свадби. Земете си чинија и не зборувајте за политика. Всушност, најдобро би било воопшто да не зборувате. 

Теофил Панчиќ

30 септември 2022 - 16:28