Лагата за американската невиност

За нашите злосторства, ако се објават јавно, се наоѓа жртвено јагне додека главните архитекти на колежот обично завршуваат како „угледни државници.“ Историски гледано, оние кои се гонети за воени злосторства (Нирнберг,  Либерија, Чад, Србија, Босна), се гонат затоа што ја загубиле војната и затоа што биле противници на Америка.

Означувањето на Владимир Путин како воен злосторник од страна на Џо Бајден, кој лобираше за војната во Ирак и цврсто го поддржуваше 20-годишниот масакр на Блискиот Исток, е уште еден пример за лицемерно морализирање со кое се преплавени САД. Нејасно е како некој мисли дека би му се судело на Путин за воени злосторства, кога Русија, како и САД, не ја признава јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Но, овде правдата не е поентата. Политичарите како Бајден, кои не прифаќаат одговорност за нашите добро документирани воени злосторства, ги јакнат своите морални кредити со демонизирање на нивните противници. Тие знаат дека шансата Путин да се соочи со правдата е нула. Знаат дека и нивните шанси да се соочат со правдата се нула.

Знаеме кои се нашите најнови воени злосторници, меѓу другите: Џорџ В. Буш, Дик Чејни, Доналд Рамсфелд, генералот Рикардо Санчез, поранешниот директор на ЦИА Џорџ Тенет, поранешниот помошник јавен обвинител Џеј Бајби, Џон Ју, кој ја постави правната рамка за одобрување на тортурата; пилотите на хеликоптерот кои застрелаа цивили, вклучително и двајца новинари на Ројтерс во видеото „Колатерално убиство“ објавено од Викиликс. Имаме докази за злосторствата што ги направиле.

Но, исто како во Путинова Русија, оние кои ги разоткриваат овие злосторства се замолчувани и прогонувани. Џулијан Асанж, иако не е државјанин на САД а Викиликс не е публикација со седиште во САД, е обвинет според Законот за шпионажа на САД. Асанж, моментално сместен во лондонски затвор, води изгубена битка пред британските судови за да ја блокира неговата екстрадиција во САД, каде што му се закануваат 175 години затвор. Еден комплет правила за Русија, друг комплет за Америка. Леењето крокодилски солзи за руските медиуми, кои се жестоко цензурирани од Путин, а игнорирањето на маките на најважниот издавач на нашата генерација доволно зборува за тоа колку на владејачката класа ѝ е гајле за слободата на медиумите и вистината.

Ако бараме правда за Украинците, како што треба, мораме да бараме правда и за еден милион луѓе убиени - од кои 400.000 беа цивили- од нашите инвазии, окупации и воздушни напади во Ирак, Авганистан, Сирија, Јемен и Пакистан. Мора да бараме правда за оние кои беа ранети, разболени или умреа затоа што уништувавме болници и инфраструктура. Мора да бараме правда за илјадниците војници и маринци кои беа убиени, и многу други кои беа ранети и живеат како доживотни инвалиди, во војните кои се одржуваа со лаги. Мораме да бараме правда за 38-те милиони луѓе кои се раселени или станаа бегалци од Авганистан, Ирак, Пакистан, Јемен, Сомалија, Филипините, Либија и Сирија, број што го надминува вкупниот број на раселени во сите војни од 1900 година (освен Втората светска војна). Десетици милиони луѓе, кои немаа никаква врска со нападите од 11 септември, беа убиени, ранети, ги загубија своите домови и сфатија дека нивните животи и нивните семејства се уништени поради нашите воени злосторства. Кој ќе плаче по нив?

Секој обид нашите воени злосторници да бидат повикани на одговорност беа одбиени од Конгресот, од судовите, од медиумите и од двете владејачки политички партии. Центарот за уставни права, блокиран за покренување случаи пред американските судови против архитектите на „превентивните војни“, со законите по Нирнберг дефинирани како „криминални војни на агресија“, поднесе предлози до германските судови за да ги повикаат американските водачи да одговараат за грубо прекршување на Женевската конвенција, вклучително и санкционирање на тортурата на локациите како Гвантанамо и Абу Граиб.

Оние кои имаат моќ да го спроведуваат владеењето на правото, да бараат одговорност од нашите воени злосторници, да се искупат за нашите воени злосторства, сиот свој морален гнев го насочуваат исклучиво кон Русија на Путин. „Намерното таргетирање цивили е воено злосторство“, рече државниот секретар Ентони Блинкен, осудувајќи ја Русија за напад на цивилни локации, вклучително и болница, три училишта и интернат за деца со хендикеп во Луганск. „Овие инциденти се придружуваат на долгата листа напади врз цивилни, а не воени локации низ Украина“, рече тој.

Ова колективно лицемерие, засновано на лагите што си ги кажуваме за себе, е придружено со масивни испораки на оружје за Украина. Поттикнувањето на прокси војни беше специјалитет на Студената војна. Се вративме на старата скрипта. Ако Украинците се херојски борци на отпорот, што е со Ирачаните и Авганистанците, кои храбро и цврсто се бореа против странска сила која беше исто толку сурова како Русија? Зошто тие не беа херои? Зошто не беа воведени санкции кон САД? Зошто на оние кои ги бранеа своите земји од странска инвазија на Блискиот Исток, вклучително и Палестинците под израелска окупација, не им беа обезбедени илјадници противтенковски, противоклопни и  противвоздушни оружја, хеликоптери, камиказе дронови, Стингери, Џавелини? Зошто за нив Конгресот не донесе пакет од 13,6 милијарди долари за воена и хуманитарна помош, покрај веќе обезбедените 1,2 милијарди долари?

Па, знаеме зошто. Нашите воени злосторства не се бројат, ниту пак се бројат жртвите на нашите воени злосторства. Ова лицемерие прави да е невозможен еден свет заснован на правила, свет кој би се придржувал до меѓународното право.

Намерното таргетирање цивили, без разлика дали се работи за Багдад, Киев, Газа или Њујорк, се воени злосторства. Убиството на најмалку 112 украински деца до 19 март е злосторство, исто како и убиство на 551 палестинско дете за време на израелскиот воен напад врз Газа во 2014 година. Такво е и убиството на 230.000 луѓе во изминатите седум години во Јемен од саудиските бомбардирања и блокади кои резултираа со масовно гладување и епидемии на колера. Каде беа повиците за зона на забранети летови над Газа и Јемен? Замислете колку животи можеле да се спасат.

Воените злосторства бараат истоветно морално расудување и одговорност. Но, не го добиваат. Затоа што што имаме еден сет стандарди за белите Европејци и друг за не-белите луѓе ширум светот. Западните медиуми ги претворија европските и американските доброволци кои се собираат да се борат во Украина во херои, додека Муслиманите од Запад кои им се придружуваат на групите на отпорот кои се борат со странските окупатори на Блискиот Исток се криминализирани како терористи. Путин е немилосрден со печатот. Но, таков е и нашиот сојузник, саудискиот владетел Мохамед бин Салман, кој нареди убиство и транжирање на мојот пријател и колега Џамал ​​Кашоги. Истиот сојузник само овој месец надгледуваше масовна егзекуција на 81 лице осудени за кривични дела.

На почетокот на Втората светска војна сојузниците порачуваа дека употреба на индустриско оружје против цивилно население е воено злосторство. Но, за 18 месеци од почетокот на војната, Германците, Американците и Британците немилосрдно бомбардираа градови. До крајот на војната, една петтина од германските домови беа уништени. Еден милион германски цивили беа убиени или ранети во бомбардирањата. Седум и пол милиони Германци останаа без покрив над главата. Се прифати тактиката на заситено бомбардирање за Дрезден, Хамбург и Токио. Загинаа повеќе од 90.000 јапонски цивили во Токио и милион луѓе останаа без покрив над главата, па се случија атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки, што одзеде животите на меѓу 129.000 и 226.000 луѓе, од кои повеќето биле цивили. Сите тие напади имаа една единствена цел, да го скршат моралот на населението преку масовна смрт и терор. Градови како Ленинград, Сталинград, Варшава, Ковентри, Ројан, Нанџинг и Ротердам беа уништени. Испадна дека архитектите на модерната војна, сите тие се воени злосторници.

Индустриското убивање го дефинира модерното војување. Тоа е безлично масовно колење, администрано од огромни бирократски структури. Тоа ја одржува тешката индустрија која обезбедува постојан проток на оружје, муниција, тенкови, авиони, хеликоптери, борбени бродови, подморници, проектили и масовно произведени резерви, заедно со механизиран транспорт што пренесува војници и вооружување. Тоа ги мобилизира индустриските, владините и организационите структури за тотална војна. Ги централизира системите на информации и внатрешна контрола. За јавноста колежот е рационализиран од специјалисти и експерти, извлечени од воениот естаблишмент, заедно со послушните академици и медиумите.

Индустриската војна ги уништува вредносните системи кои го штитат и негуваат животот, заменувајќи ги со страв, омраза и дехуманизација на оние за кои сме натерани да веруваме дека заслужуваат да бидат истребени. Тоа се водеи со емоции, не со вистина или факти. Се бришат нијансите и се заменуваат со инфантилен бинарен универзум на „ние и тие“. Конкурентните наративи, идеи и вредности се принудени да одат под земја, бидејќи се омаловажуваат сите што не зборуваат во национално име туку се држат до граѓанскиот дискурс и дебата. Тоа е Франкенштајн на индустријализираните општества. Војната, како што предупреди Алфред Казин, е „крајната цел на технолошкото општество“. Нашиот вистински непријател е внатре.

Историски гледано, оние кои се гонети за воени злосторства, без разлика дали се работи за нацистичката хиерархија во Нирнберг или за лидерите на Либерија, Чад, Србија и Босна, се гонат затоа што ја загубиле војната и затоа што се противници на Америка.

Нема да има гонење на владетелите на Саудиска Арабија за воените злосторства извршени во Јемен или за американското воено и политичко раководство за воените злосторства во Авганистан, Ирак, Сирија и Либија, или една генерација порано во Виетнам, Камбоџа и Лаос. Злосторствата што ги правиме, како што е она во Му Лаи, каде што 500 невооружени виетнамски цивили беа убиени од американски војници, ако се објават јавно, се решаваат со пронаоѓање на жртвено јагне, обично офицер од низок ранг на кој му се доделува симболична казна. Полковникот Вилијам Кали одлежа само три години во домашен притвор за убиствата во Му Лаи. 11 американски војници и ниту еден офицер беа осудени за тортура во затворот Абу Граиб во Ирак. Но, архитектите и господарите на нашиот индустриски колеж, вклучувајќи ги Френклин Рузвелт, Винстон Черчил, Хари С. Труман, Ричард Никсон, Хенри Кисинџер, Линдон Џонсон, Џорџ Буш, Барак Обама и Џо Бајден никогаш не одговараат. Тие ја напуштаат власта за да станат угледни и почитувани државници.

Масовниот колеж на индустриската војна, неуспехот да бараме одговорност, да го видиме сопственото лице во воените злосторници што ги осудуваме, ќе има застрашувачки последици. Преживеаниот од холокаустот, Примо Леви, имаше сфатено дека уништувањето на човештвото во другите е предуслов за нивно физичко уништување. Станавме заробеници на нашите машини на индустриска смрт. Оние кои го осудуваат лудилото, кои бараат владеење на правото, се напаѓани и осудени. Системите за индустриско оружје се нашите модерни идоли. Ја обожаваме нивната смртоносна моќ. Но, сите идоли, како што нè подучува Библијата, започнуваат со барање жртва од другите а завршуваат со апокалиптична саможртва.

Крис Хеџис

*******

Од него, види и:

Лектира за славјанки и слични милитантни пацифисти

24 март 2022 - 15:55