Кој прв ќе крахира, германската економија или Путин?

Тоа што почна како лошо претчувство околу намалениот доток на руски гас во Германија, сега се претвори во многу реален проблем откако Газпром го скрати дотокот на руски гас во Европа за 60% и изгледа дека ќе продолжи да го намалува.

„Експертите во владата на Олаф Шолц ги разработија сценаријата и ниту едно од нив не доведе до доволни резерви на гас за да се истера зимата,“ пишува Блумберг.

Тие разговараат и со првиот човек на германскиот регулатор Бнетза, Клаус Милер, за кого ова е „отрезнувачки момент“:

„Ако имаме многу, многу ладна зима, ако сме невнимателни и премногу слободни со гасот, тогаш нема да биде добро.“

Ако до сега за последиците од кризата се зборуваше во општи економски поими како рецесија, сега веќе се разговара за конкретни проблеми од типот немање греење за домаќинства сред зима и затворени фабрики.

„Со децении Германија просперираше на грбот на евтиниот гас. Одговорот на растечките потреби на економијата најчесто беше нов гасовод до Русија.

Таа ера сега е готова, и компании од БАСФ до Фолксваген, се помируваат со оваа реалност.

Ќе има некои брзи решенија - како повторно стартување на електраните на јаглен и замена на горивата во индустрискиот процес - меѓутоа структурните проблеми ќе останат бидејќи на транзицијата кон евтина обновлива енергија ќе и требаат уште долги години,“ пишува Блумберг.

Ако за време на короната, фабрики затвораа заради немање суровини, денес фабрики за производство на метал, хартија, па и храна, ќе бидат присилени да затворат или намалат производство во Германија заради немање гориво.

„Компании ќе мора да го преселат производството каде што ќе има гас со конкурентни цени, а тоа нема да биде Германија.

Не можеш за две или три години да коригираш 20 години погрешни политики,“ објаснува директорот на Енерџи консултинг групацијата, Волфганг Хан.

Последните бројки покажуваат дека ќе бидат потребни 115 денови за да се достигнат владините таргети од 90% исполнети резерви со гас до ноември годинава. Календарски деновите ги има, меѓутоа пресметката предвидува дека рускиот доток ќе остане на сегашното ниво, што е малку веројатно имајќи предвид дека Кремљ повеќе не се срами да го користи гасот за одмазда за санкциите.

За сега Германија е на еден чекор од почнување на рестрикции на гас за потрошувачите во земјата. Очекувањето е дека тоа би можело да се случи во јули, кога Северен тек 1 целосно згаснува заради „закажано одржување“.

Стравот на Германија е дека може да се случи Северен тек 1 по ова никогаш повторно да не проработи.

Уште во април, германски економски институти предупредија дека нагло секнување на руските нафта и гас, ќе предизвикаат штета од 220 милијарди евра на германската економија во следните две години. Бундесбанк пак пресметува дека економијата на земјата ќе се намали за 3% во 2023 ако запре руското снабдување со гас.