Вардар го положи испитот против Крим

Неочекувано лесно и убедливо Вардар го совлада словенечкиот Крим 41:30 во продолжението од групната фаза на ЛШ. Најзаслужни за првите бодови во ТОП12 фазата беа Јованка Радичевиќ со осум погодоци и Лекиќ и Дембеле со по шест голови.

По неколку разочарувачки натпревари, ракометарките на Вардар конечно заиграа како се очекува од составот кој високо претендира сезонава во Европа.

Вардарки го отворија дуелот со 8:2, предност стекната по осум минути од почетокот. Крим се освести и по серијата 5:1 ја намали предноста на Вардар на четири голови (16:12). Во тој момент својата класа ја покажа црногорската репрезентативка, Јованка Радичевиќ која постигна три голови едно по друго и на црвено-црните им донесе убедливи 21:12 по првите 30 минути.

Скопската публика конечно го виде правото лице на Вардар, чии ракометарки во вториот дел од средбата заиграа атомски ракомет. Како по осумте минути во првото полувреме, така и по осум минути од вториот дел, Вардар направи недостижна предност. Во 38. минута од натпреварот, Крим се соочи со негатива од 10 голови (27:17 за Вардар).

До крајот канонадата ја дополнуваа Лекиќ и Дембеле, кои го решетаа голот на Словенките. Во ситуација кога Вардар ги обезбеди првите бодови во втората групна фаза, Индира Кастратовиќ и даде шанса и на младата Црногорка, Итана Грбиќ. За обележување е и одличната вечер на Амандин Лејно која имаше дури 21 одбрана. Кај Крим нашата Мирјета Бајрамовска постигна четири голови и во неколку наврати беше поздравена од навивачите во СЦ Јане Сандански. Машвар со седум голови беше прв стрелец кај Крим.

ЖРК Вардар во моментов има пет бодови во групата 1, само еден бод помалку од Лајпциг и Динамо, а три бодови помалку од Будуќност. Лајпциг и Динамо утре ќе ги одиграат своите натпревари.