Кире Лазаров влезе во историјата како најдобар стрелец на Фајнал Фор

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров попладнево стана најдобриот голгетер на Ф4 турнирите во ЛШ кои се играат од 2010-та во ваков систем на четири најдобри.

Капитенот на нашата репрезентација, по првиот дел од првото полуфинале меѓу Нант и ПСЖ постигна четири гола со кои ја заокружи бројката од дури 55 гола на сите негови настапи на Фајнал Фор, и на паузата замина со гол помалку од рекордните 56 гола колку што постигнале Србинот Момир Илиќ (Веспрем) и Чехот Филип Јиха (Кил и Барселона).

Кире во првиот дел три пати стрелаше прецизно од пенал, промаши еден седмерец а од игра распали за вкупно четири „комада“ во првите 30 минути. На полувремето Нант неочекувано водеше 17-14 против реномираниот ПСЖ.

По голема борба, во вториот дел Кире даде уште три гола, стана лидер на вечната листа најдобри стрелци на Фајнал Фор со 56 гола и го однесе својот Нант во големото финале (32-28).

38-годишната легенда од Свети Николе веќе е лидер на вечната листа во историјата на Лига на шампиони со неверојатни 1.217 гола а важи и за најдобар стрелец на европските и мундијалски првенства. Во својата фантастично богата кариера, Лазаров одиграл дури 17 сезони во Купот/Лига на шампиони а во борба за медал беше со четири тима: Сиудад Реал (2010/2011), Атлетико Мадрид (2011/2012), Барселона (2014/2015) и сега со француски Нант.