Ариана Хафингтон

Уреднички манифест на Хафингтон Пост

Во медиумскиот бизнис постои една стара максима која царува со децении и вели: "Луѓето сакаат крв". Ги форсираме приказните со насилство, трагедии, катастрофи и корупции, водени од мислата дека тие ќе привлечат најголемо внимание. Но, таквиот етос е погрешен, и функционално и етички. Тоа е лошо новинарство.

пишува: Ариана Хафингтон

Како новинари, наша обврска е на публиката да ѝ понудиме прецизна слика - а тоа значи целосна слика - што се случува во светот. Покажувајќи само трагедии, насилство и ужас - фокусирајќи се само на она што е расипано и она што не функционира - изоставаме премногу работи што се случуваат во светот. Каде ни е начинот на кој луѓето се справуваат со тие предизвици, како умеат да се сплотат среде најголемите несреќи, сиромаштијата и загуби? Каде ни се сите оние приказни за иновации, креативност, генијалност, сочувство и достоинство? Ако како медиуми ја покажуваме само црната страна, не си ја вршиме добро работата.

Минатиот месец инициравме глобална уредувачка иницијатива "Што функционира" за да ги удвоиме нашите приказни за тие теми. Ќе продолжиме неуморно да пишуваме и за работите кои не чинат - политички деформации, корупции, лошо работење, насилства и несреќи - меѓутоа сакаме да отидеме отаде максимата "Луѓето сакаат крв". Да се разбереме, не мислам на благуњави стории кои предизвикуваат милозвучен "ооооо" ефект, ниту пак на неодоливи животинчиња. Зборувам за постојано информирање за приказните во кои луѓето и заедниците работат за да ги надминат бељите и да најдат решение за вистинските предизвици кои ги имаат во животот. Фрлајќи светлина на овие приказни, се надеваме дека ќе "заразиме" поширока публика и дека решенијата за кои информираме ќе најдат примена и во други области и случаи.

Ова не е само добро новинарство туку и паметен бизнис. Наспроти старото "луѓето сакаат крв" испаѓа дека луѓето им требаат и повеќе конструктивни и оптимистички стории. Како најголем издавач на Фејсбук, ние го знаеме тоа, а нашиот случај не е уникатен. Како што се покажа на еден пример на Њујорк Тајмс, најпрепраќани писма биле оние кои предизвикувале позитивни чувства.

Проценките отсекогаш биле дел од медиумската работа. Но, по пат нашата дефиниција за тоа "што е вест" станала синоним за насилство и несреќи. 

Повеќе од еден век мина од фамозниот слоган на Њујорк Тајмс "All the news that's fit to print" ("Сите вести што ги собира/што вредат за во весник") што беше шлаканица за тогашниот жолт сензационализам. Времињата го направија прашањето непотребно бидејќи на интернет сè собира. Сега ни е дозволено да ги испорачаме "сите вести". Но, како ќе дефинираме која приказна е вест?

За почеток, веста треба да го одразува прецизно светот во кој живееме. Заменик уредникот на Деили меил неодамна во Гардијан призна дека тука сме тенки. 

Криминалот опаѓа, напиша тој, но ние тоа не би можеле да го знаеме ако судиме по медиумите бидејќи тие сè уште покриваат ист број криминални случаи, ист број судења за убиства и постои опасност дека ние веќе не го рефлектираме светот.

Професорот од Харвард Стивен Пинкер докажа дека живееме во најмалку насилната и најмалку суровата етапа на човечката историја. Да повторам, со ова не се перат големите проблеми кои постојат во светот. Но наспроти сите ужаси што ги гледаме во вестите "постои намалување на сите видови организирани конфликти, вклучувајќи граѓански војни, геноцид, репресија и тероризам," како што потсети Питер Сингер во рецензијата на книгата на Пинкер.

Колку медиумската сцена е одвоена од реалноста? Во 90-тите години, медиумското покривање на убиствата било зголемено за 500 проценти иако во тој период стапката на убиства била намалена за 40 проценти, покажуваат анализите.

Овој свет е полн со кризи, неправилности и корупција, често со трагични последици по луѓето. Ние ќе продолжиме нив систематски да ги покриваме, од ИСИС и Боко Харам до климатските промени, еболата, невработеноста на младите, нерамноправноста во приходите. Но, дури и ваквите приказни мораат да бидат поцелосни. Како луѓето реагираат и дејствуваат на нив, како си помагаат во соседството, како надминуваат некоја беља, тоа често пропуштаме да го видиме. 

Таквата нецелосна слика што ја пружаме има свој данок, во порастот на цинизмот, разочарувањето, песимизмот и очајот дека проблемите можат вооопшто да се решат. А кога ќе понудиме поцелосна слика, гледаме колку публиката е гладна за решенија.

Попозитивниот пристап би можел да го зголеми ангажманот на луѓето и да ги катализира потенцијалните решенија на проблемите со кои се соочуваат луѓето. Од Твитер имаме безбројни примери дека позитивните пораки повеќе ангажираат и стигнуваат до поширока публика отколку негативните.

Враќањето на размерот позитивно/негативно за попрецизно да го отсликаме светот не значи известување преку розеви очила. Постои термин "замор на сочувството" со кој се опишува како постојаното сервирање негативни слики и приказни доведува до емотивно повлекување на читателот.  Не постои никаква причина комплексните стории за тоа "што функционира" да не бидат квалификувани за највисоки новинарски почести. Во 1943-та година, Пулицерова награда за јавна добробит доби еден весник кој успеа да ги покрене и читателите и градот да собираат старо железо за воените потреби на индустријата, а има и други примери.

Знаеме дека постои имитација во некои видови злодела. Ние сакаме да поработиме на имитација на некои видови решенија.

* За воведување "action button" на статиите и едукацијата на идните новинари, во интегралниот едиториал на Ариана Хафингтон.

7 февруари 2015 - 13:59