Среќен 5-ти роденден МУСЦ - Македонија

Најзагреаните македонски навивачи на Манчестер Јунајтед влегоа во нашиот караван на посети кои со голем ќеиф ги правиме во фан клубовите. Вчера наполнија пет години откако се собираат заедно да ги гледаат „Црвените ѓаволи“, а ние им честитаме и за денешното големо засилување.

Пет години сплотена љубов, пет години делиме иста енергија и иста страст, пет години споделуваме радости, славиме победи, заедно се тешиме за порази. Посебни се сите денови кога нè обзема фудбалската магија, кога единствената мисла е желбата за победа на омилените, на најдобрите, на избраните, на најсаканите, Манчестер Јунајтед `црвени ѓаволи`. Оваа љубов се преплетува во нашето пријателство, таа нè здружи и сè уште нè држи во нашето прво и единствено официјално здружение на навивачи на Манчестер Јунајтед од Македонија, како дел од `црвената армија`.

Сите моменти на среќа и тага, радост и нервоза, нетрпение и срцебиење, шеги и забави многу пива испиени и кикирики изедени се дел од овие пет години кои сега сакаме да ги прославиме со уште поубава прослава од првиот роденден, но сè уште со иста желба, да бидеме признати од официјалниот навивачки клуб во Манчестер и да отидеме на заедничко гледање на некој од натпреварите на Олд Трафорд.

Ова е желба за која сите се трудиме и ќе се вложиме во нејзиното остварување. Тоа го прават вистинските навивачи. И секој што сака да ја сподели оваа радост со нас е добредојден во нашето здружение. Да си помогнеме сите заедно за да се радуваме неизмерно.

МУСЦ - Македонија

Офсајд ви ветува црвена торта за јубилејниот 10-ти роденден, а за овој изгуглавме нешто набрзина поврзано со темата :)

 

13 јули 2015 - 21:46