Добро ве најдовме

Драги пријатели и за клик подраги пријателки,
Ако можете да го читате ова, значи дека нè има на интернет! Мал предизвик за АКТА, голем за нечија КАТАРАКТА.

Ова што го гледате е порталот off.net.mk. Околу него се собраа луѓе кои веруваат дека нивните работни часови можат да бидат забавни а животот не е она што престанува кога ќе стигнеш на работа. Искрено нè изненади големиот интерес за нашиот старт, со оглед на тоа што не измислуваме нов Ајфон ниту патики што не мирисаат. Убаво тоа.

Дизајнерските дилеми ги решивме со огромна помош на Чедо Поповски и екипата на Blue tang. Респект. Огромна благодарност и до сите познати и непознати дизајнери и агенции кои ни испратија свои предлози за лого како и до сите што гласаа за своето омилено решение. Како што забележувате, сегашново не го ни имаше на гласање, ама, попат го засакавме па... така.

Верувам дека брзо ќе се снајдете на овој сајт, дека лесно ќе го мапирате и ќе знаете каде да го барате она што ве интересира.

Кој каде игра?

Јурук и јас - секаде по сајтов, Игор го држи спортот, Илина е Букбокс, Небојша го изгради бродов и се грижи тој да се држи над вода, Влатко го пополнува рекламниот простор, се хостираме во Неотел а работиме главно во Дебар Маало (да не знаете случајно некоја кафана во близина?). Имаме и неколку бавчи кои самостојно ги копаат нам драги луѓе: Адо од Алабама, Емили од Италија и Џаканакот од македонското хип хоп подземје. Нека им е со среќа.

Off.net.mk e дел од Трендоленд. Ниедна земја не можете да ја запознаете само преку нејзиниот устав, но, глупо е да го нема. Затоа, пар членови, колку за запознавање:

1. Ќе пробаме да бидеме или побрзи или подобри од останатите.


2. Светот нè интересира и кога нема катастрофални земјотреси, цунамија и  Брејвици. Ќе "тупиме" со светот затоа што амбиоциозно веруваме дека Македонија е дел од него. И не треба да биде куче кое е окупирано со гланцање на своите јајца додека некоја Сканија можеби шиба накај него.

3. Македонија нè интересира најмногу. Не затоа што низ неа минал апостол Павле туку затоа што ние ја минуваме секој ден. Онаа Македонија која најчесто ја нема на големите вести. За да се запознаваме со неа, озбилно сметаме на ваша помош.

4. Подбивањето може да го подобри светот. Ако не успее во тоа, барем останала сатисфакцијата дека се пробало. "Сарказмот - затоа што убивањето луѓе се уште е илегално" (@irenaxxxx).

5.  Ако нешто од сајтот ве здоболело, не нè барајте на телефон. Може да се разбереме на меил.

6. Ако мислите дека имате право да побарате нешто да се тргне од сајтов, пробајте со убаво. Со закани никако. Така се нервираме и после поголема беља.

7.  Јазикот е жива материја. Освен кога е добро сварен.

8. Рекламите на сајтот ни помагаат да живееме. Да, некогаш иритираат. Видете ја првата реченица.

9. Кoментари на сајтов, не баш. Заради олошот.

10. Ова го правиме со сопствени пари, труд и знаење. Не мора да се почитува тоа, али нека се знае.

11.  Мало нас је ал смо говна.

- Добредојдовте.

Сашо Мацановски Трендо

5 Март 2012 - 16:22